1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Блиски Исток: Надежта на САД умира последна

ЖА/дв/миа25 април 2014

Американскиот министер за надворешни работи Кери го критикуваше договорот на закараните палестински групи Фатах и Хамас, но, не се откажува од целта за мир на Блискиот Исток иако Израел се повлече од мировните преговори

https://p.dw.com/p/1BoG7
Фотографија: Reuters

Американскиот државен секретар Џон Кери ги повика израелските и палестинските лидери да се спогодат, откако Израел објави дека ги прекинува мировните преговори со Палестинската самоуправа.

„Се‘ уше постои можност за придвижување, но челниците за тоа мораат да се согласат на спогодување (...) Доколку тоа не го сакаат, ќе биде многу тешко“, истакна американскиот министер неколку часа откако израелската влада соопшти дека ги прекинува мировните преговори со Палестинците.

Израел донесе одлука за суспендирањето на преговорите со Палестинската национална самоуправа на претседателот Махмуд Абас и воведување санкции против Палестинците поради помирувањето меѓу двете ривалски палестински фракции Фатах (Палестинската ослободителна организација ПЛО) на Абас и исламистичкото движење Хамас, што ги стави во криза мировните преговори кои се обновија во јули 2013 година со посредство на САД.

Според информациите, со договорот за помирување меѓу Палестинците се предвидува формирање владата на националното единство со Хамас, движење коешто Израел и САД го сметаат за терористичка организација и да се организираат избори до крајот на 2014 година. Информациите за тоа беа објавени во екот на кризата во мировните преговори со Израел, кои не успеаја да дојдат до позначаен напредок, иако се приближуваше истекот на терминот според кој требаше да завршат со склучување на се‘опфатен договор.

„Никогаш нема да се откажеме од надежите и ветувањата дека ќе се обидеме да постигнеме мир. Мислиме дека тоа е единствениот можен начин, но состојбата во моментов е многу тешка и самите челници мораат да носат одлуки. Ситуацијата е во нивните раце“, истакна Кери на средбата со шефот на норвешката дипломатија Борг Бренд.

Портпаролката на американскиот Стејт департмент, Џенифер Псаки, на прес-конференција пак, оцени дека „во надлежност на страните секогаш беше да ги носат неопходните одлуки за да продолжат да одат по патот на мирот“. Таа не одговори дали преговорите се завршени, истакнувајќи дека има „искачувања и падови“ и дека „процесот мора да оди натаму“.