Блатер не издржа-оставка!
2 јуни 2015
„Сега ни треба време за да најдеме најдобар кандидат за функцијата. Мораме да воведеме големи реформи. Мојот мандат го ставам на располагање, силно се борев за промени и реформи, но тоа не можам да го направам самиот“, изјави Блатер.
„Јас сум толку многу поврзан со ФИФА и со нејзините интерси. Сакам да се заблагодарам на сите поддржувачи“, изјави Блатер без да даде можност да му се постават прашања.
Блатер во петокот го освои петтиот мандат на чело на Светската фудбалска асоцијација која ја води од 1998 година. Тој победи на изборите откако неговиот единствен противкандидат јорданскиот принц Али бин ал-Хусеин се откажа од кандидатурата по првиот круг од првото гласање кога Блатер имаше значителна предност.
„Мислев дека мојата кандидатура би била најдоброто за оваа организација. Изборот помина, но предизвиците останаа. Навистина, го добив мандатот од членовите, но се чини дека го немам мандатот на целиот фудбалски свет“, изјави Блатер.
Неговиот избор беше засенет од скандалот со апсење со поранешни и сегашни високи функционери на ФИФА, кои беа приведени во Цирих два дена пред изборите под обвинение кое вклучува и корупција и перење пари.
ФИФА минува низ најлошите моменти во својата 111-годишна историја, постои сомневање дека при доделувањата на организациите на светските првенства во 2018-та во Русија и во Катар во 2022-ра, членови на ФИФА добиле мито, а поради тоа организацијата ја напуштаат спонзори.
Во светот постојат мислења дека станува збор за политички мотивирани афери кои се водени против одземањето на организациите на првенствата особено во атмосфера на заладени односи меѓу Западот и Русија. Европската фудбалска асоцијација УЕФА дури најави и бојкотирање на првенството во 2018 година и организирање сопствен мундијал.
„На ФИФА ѝ се потребни промени и мојот наследник ќе биде познат по конгресот кој мора да се одржи што поскоро“, порача Блатер.
Засега функцијата комесарски ја презема Доменико Скала. Се очекува специјалниот конгрес за избор на наследник на Блатер да се одржи меѓу декември 2015 и март 2016 година.