1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

БиХ: Протестите полека се смируваат, многу згради во пламен

ЕМФ/бета7 февруари 2014

Протестите кои денеска (7.02) се одржани ширум Босна и Херцеговина и кои се претворија во безредија, полека се смируваат, иако на улиците и натаму има мал број граѓани.

https://p.dw.com/p/1B5JI
Фотографија: klix.ba

Полицијата во Сараево дури вечерва успеа да ги совлада демонстрантите, а уапсени се десетици хулигани кои ограбуваа продавници за време на протестите и палеа згради на јавни институции. Повредени се неколку десетици полицајци и граѓани, а нападнати беа и новинари, од кои еден е задржан во болница, откако беше погоден со камен во главата.

Во Сараево, Мостар, Зеница, Тузла, Бихаќ и другите градови каде што демонстрантите палеа згради на кантоналните згради, пожарникарите вечерва успеаја со помош на полицијата да дојдат до критичните објекти и почнаа да ги гаснат пожарите.

Unruhe in Bosnien und Herzegowina
Фотографија: klix.ba

Во Сараево гори зградата на Претседателството на БиХ, а загрозен е и архивот на таа институција. Исто така, запалени се и зградите на владите на Сараевскиот кантон и на општината Центар.

Во Тузла е запалена зградата на владата на Тузланскиот кантион и заградата на општина Тузла. Демонстрантите, по масовните протести во текот на вечерните часови се раширија во неколку групи и талкаат по градот уништувајќи други објекти.

Unruhe in Bosnien und Herzegowina
Фотографија: klix.ba

Во Мостар е запалена зградата на владата на Херцеговско-неретванскиот кантон, а објектите на кантоналните згради се запалени и во Зеница и Бихаќ.

Во Брчко незадоволните граѓани го заробија, а подоцна го пуштија градоначалникот Анто Домиќ.

Оставки попладнево поднесоа владата на Зеничко-добојскиот кантон, како и премиерот на Тузланскиот кантон Сеад Чаушевиќ.

Unruhe in Bosnien und Herzegowina
Фотографија: klix.ba

Масовните протести почнаа пред два дена, кога пред владата на Тузланскиот кантон излегоа работници на неколку фирми, невработени и граѓани. Демонстрантите соопштија дека состојбата денес е резултат на „оглушувањето на актуелната власт на барањата на работниците“.

Високиот претставник на меѓународата заедница во БиХ Валентин Инцко апелираше до граѓаните да престанат со палење на зградите во текот на протестите. „Треба да се подвлече јасна линија на мирни протести на граѓаните, но да се палат згради и да се уништува имот, за тоа немам разбирање“, рече Инцко. Според него, „решение за овој проблем е дијалогот“.

Unruhe in Bosnien und Herzegowina
Фотографија: klix.ba

Претседателот на Претседателството на БиХ Жељко Комшиќ оцени дека до проблемите во земјата не дошло пред три дена, туку тие се трупаат веќе неколку години и дека ситуацијата сега само ескалира. Тој додаде дека треба да се биде мудар и да не се собират политички поени, туку да се смири ситуацијта. Комшиќ најави дека ќе предложи одржување вонредна седница на Претседателството на БИХ.