БиХ на „црна листа“ на Советот на Европа
2 јуни 2014Одлуката на комитетот на Советот на Европа беше очекувана, откако Домот на народите на Парламентот на БиХ до неделата (1. јуни) не го усвои Законот за спречување на перење пари и терористички активности. БиХ повторно страда поради неодговорноста на своите политичари, затоа што сега секое финансиско работење со оваа земја ќе биде под строг надзор.
Тоа, според тврдењето на експертите, подразбира дополнителни процедури, а испраќањето пари од странство ќе биде многу покомплицирано. Финансиските институции сега имаат обврска при работењето со БиХ да прават дополнителни контроли за да го утврдат потеклото на парите и неговата намена.
На листата се уште Северна Кореја и Иран
Ќе доцнат платниот промет, паричните дознаки, како и уплатите од странство. Moneyval ги информира властите во БиХ дека „сочувствува со граѓаните на земјата“, но дека нема да го толерира пречекорувањето на рокот за усвојување на законот. На црната листа на оваа организација се уште земји како Северна Кореја и Иран.
Претставничкиот дом на Парламентот на БиХ во средата, на 28 мај, го усвои споменатиот закон. Се очекуваше дека и претседавачот на Домот на народите Драган Човиќ ќе закаже седница, бидејќи законот мора да биде изгласан и таму. Но, седницата беше закажана дури за в петок 6. јуни, по што уследија и санкциите.
„Ова ќе не‘ дотолчи“, вели стопанственикот Томислав Гризељ. „Најлошото е што во трговијата повторно ќе мораме да го докажуваме потеклото на стоките“, вели тој. „Извозниците и увозниците ќе имаат проблеми со трансакциите и сѐ ќе биде поскапо и забавено, а тоа е лоша порака и за инвеститорите“, смета секретар на здружението на банките во БиХ, Мијо Мишиќ.
Залудни предупредувања
„Банките сторија сѐ што можеа. Навреме ги предупредивме надлежните. Директните и индиректните штети за граѓаните, стопанството и банките ќе бидат големи. Ние всушност се враќаме десет години назад. Дел од последиците ќе биде и загрозување на кредитниот рејтинг на БиХ. Сите дознаки од БиХ сега се сомнителни и подложни на посебна процедура“, предупредува Мишиќ.
Неусвојувањето на законот може да биде протолкувано и како сигнал дека земјата сака да го легализира перењето пари и финансирањето на тероризмот, порачуваат економистите. „Тоа може да има катастрофални последици и во финансиска смисла, бидејќи да се биде на црната листа подразбира и бројни санкции“, вели економистот Зоран Павловиќ.
Во соопштението на Moneyval се потсетува дека комитетот уште во април 2011 година предупредил дека треба да се дефинира план за решавање на главните недостатоци за спречување на перењето пари и финансирањето терористички активности.