1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Високата цена на дишењето

Самир Хусеиновиќ/ Симе Недевски24 декември 2013

Граѓаните во голем дел од БиХ копнеат за дожд и поволни ветрови кои ќе ја растераат маглата и ќе ги спасат од аларматно загадениот воздух. Здравствените експертите тврдат дека ќе страдаат и идните генерации.

https://p.dw.com/p/1AgIt
Фотографија: F. Kravac/Klix.ba

Нивото на цестички прашина и чад во Сараево, Зеница, Тузла и во уште неколку градови во БиХ одамна ја премина дозволената граница. Најзагрозена е областа во централна Босна, чии котлини со денови ги прекрива густа магла и смог. Жителите на Сараево се присетуваат дека такви појави имало и пред војната, ни со многу помали штетни честики во воздухот.

Поради големите концентрации на сулфур-диоксид и смог, на крајот на шеесетите и почетокот на седумдесетите години од минатиот век Сараево вложи големи финансиски средства за воведување гас. Во главниот град на БиХ тогаш имаше 20.000 автомобили, а денес 150.000. Аналитичарите тврдат дека котларниците и автомобилите и денес се главни виновници за лошиот квалитет на воздухот во градот.

„Сега повторно се враќа и сулфурот-диоксид, бидејќи луѓето немаат пари, односно немаат средства за квалитетно греење. Затоа повторно почнаа да користат јаглен како гориво, наместо гас, а секоја година ќе биде сѐ полошо затоа што луѓето за греење сѐ повеќе користат евтин јаглен“, вели националниот експерт за квалитет на воздухот Мартин Таис.

Bosnien - Luftverschmutzung
Сараево деновиве...Фотографија: F. Kravac/Klix.ba

Кога станува збор за долгорочни решенија, од еколошките здруженија порачуваат дека властите би морале да направат ефикасен план на мерки, а потенцијалите да ги насочат кон користење на обновливи извори на енергија. Краткорочно, неопходно е, покрај останатото, да се редуцира сообраќајот со забрана на сообраќај на возила во одредени денови и да се исклучат од сообраќај старите автомобили.

„Лихварски“ цени за греење и „интервентни“ мерки

Претседателот на здружението „Еко форум“ во Зеница Самир Лемеш вели дека основна причина за загадување на воздухот во градот е „загадувањето од ’АрселорМитал’ и прескапата цена на греење на топлата вода, која градот ја добива од оваа компанија“.

„Поради високите, лихварски цени, луѓето се откажуваат од централно греење, користат јаглен и со тоа допринесуваат до концентрација на отров во атмосферата“, истакнува Лемеш.

Екологот и здравствен работник Харун Дрлјевиќ предупредува дека загадувањето на воздухот ќе остави трајни последици врз здравјето на луѓето.

„Она што е најлошо за идните генерации е феноменот на долготрајна изложеност на тие отрови, за кои е познато оти се канцерогени и патогени, односно дека предизвикуваат болести не сега, туку во наредните генерации и дури тогаш ќе ја платиме цената на овој феномен“, изјави Дрлјевиќ за БХ радио 1.

Bosnien - Luftverschmutzung
Сараево деновиве...Фотографија: F. Kravac/Klix.ba

Властите на Сараевскиот кантон утврдија „вонредни мерки“ со кои, меѓу останатото, на полицијата и дадоа налог од сообраќај да ги исклучи возилата „без катализатор“, додека од градските Топлани бараа намалување на греењето во становите за еден степен. На ГРАС (Градска сообраќајна компанија) и е наложено, наместо автобуси, во соораќај да вклучи што повеќе тролејбуси и трамваи.

Овие мерки наидоа на удар на критики од организацијата за заштита на околината „ЕКО акции“. Проект-координаторот на оваа невладина организација Анес Подиќ не е задоволен од реакцијата на надлежните. Тој вели дека властите потполно го игнорирале фактот оти концентрацијата на штетни честички во воздухот била и до осумпати повисока од максимално дозволената и дека надлежните реагирале со задоцнување од најмалку дваесет дена.

Граѓаните чекаат дожд и некои поволни ветрови

„Наместо да се обидат да ги намалат последиците по здравјето на населението, да ги затворат училиштата, на трудниците, хроничните болни и старите лица да им забранат одење на работа како што тоа е сторено во Скопје, нашите власти се обидоа да делуваат на самите причинители и тоа со мерки за кои немаат начин да ги спроведат, со инспекции кои едвај и да имаат кадар за таква работа“, вели Подиќ за ДВ.

Подиќ предупредува дека компаниите кои го загадуваат воздухот би требале да се придржуваат кон посебни мерки за да не го загрозуваат здравјето на луѓето со своето производство. Тој подсетува дека „АрселорМитал“ неодамна пушти во работа систем на филтри за високи печки кои, според проценките на еколошките здруженија, би го намалил емитувањето на штетни гасови за само два проценти.

Според оценката на невладините организации, надлежните очигледно не се во состојба на време да реагираат, а граѓаните немаат друг избор освен да чекаат некои поволни ветрови или дожд кои би ги расчистиле котлините во БиХ, а климатологот Жељко Мајсторовиќ очекува дека токму тоа би можело да се случи во наредните неколку дена.