1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„БиХ и Хрватска одат понатаму“

Фарук Шабановиќ/ Александра Трајковска17 јуни 2014

Познатиот фудбалски стручњак Александар Ристиќ за ДВ зборува за шансите на Босна и Херцеговина и Хрватска на Светското првенство во фудбал во Бразил. Кои се фаворити, а кој би можел да изненади?

https://p.dw.com/p/1CJGu
Фотографија: picture-alliance/dpa

ДВ: Господине Ристиќ како го доживеавте пласманот на фудбалерите на БиХ на СП во Бразил?

Александар Ристиќ: Се израдував поради пласманот, бидејќи репрезентацијата го заслужи тоа. Екипата на БиХ е добра и успеа, иако имаше проблеми да се избори за пласман и тоа заслужен. И во пријателските натпревари, како на пример против Мексико, БиХ се покажа добро.

Како ја оценувате групата во која настапуваат фудбалерите на Босна и Херцеговина?

Фаворит во групата е секако Аргентина. БиХ реално би требало да биде на второ место. Сепак БиХ е подобра од Иран и Нигерија, но на СП никој не смее да се потцени.

Селекторот Сушиќ истакна дека целта на репрезентацијата е да се пробие меѓу 16 најдобри екипи. Какви се вашите проценки за конечниот пласман на БиХ на мундијалот во Бразил?

Босна и Херцеговина најверојатно ќе ја мине групата. Потоа е сѐ можно и зависи од тоа каков противник ќе добие. Во наредниот круг ќе бидат воглавно само силни екипи. Мислам дека е важно, за што подолго да може да се игра со најдобра постава, да нема повреди и да нема исклучувања

Какви се шансите на Хрватска на СП во Бразил?

Хрватска има потешка група од Босна и Херцеговина. Но, мислам дека исто како и БиХ и тие ќе бидат на второто место во својата група.

Што доби хрватската фудбалска репрезентација со изборот на Нико Коваќ за селектор?

Нико е тренер и беше добар играч. Освен тоа хрватските репрезентативци играат во врвни клубови и оваа година имаа доста успеси. Нико е млад тренер и сигурно е дека внесува нешто ново во тимот. Екипата, како што гледам го прифати многу добро и тоа е позитивно. Мислам дека нема да има поголеми проблеми со репрезентацијата на Хрватска која веќе докажа дека може да игра добро.

Кои се Вашите фаворити, и кој би можел да биде изненадување на ова СП?

Сигурно е дека и овојпат ќе се појави екипа која ќе претставува изненадување на Мундијалот. Екипа на која не се сметало и може да освои едно од првите три места. Може сѐ да се случи. На пример Колумбија беше фаворит, но остана без најдобриот играч кој се повреди. Германија, Шпанија, Бразил и Аргентина па дури и Холандија се фаворити. Мислам дека Швајцарија би можела да направи изненадување. Тие имаат добра екипа и добар тренер, а и тамошната лига е многу подобрена. Швајцарскиот тим располага со добри играчи кои играат во силни клубови, а Отмар Хицфелд тоа може и знае добр да го искористи. Светското првенство ќе биде интересно. И фаворитите можат да дојдат во ситуација да испаднат од натамошниот тек на натпреаварот.

Александар Ристиќ денес е, како што вели, во заслужена пензија и времето го минува во кругот на семејството. По 25 години овој 70 -годишен стручњак од Минхен се пресели во Диселдорф. Тој беше поранешен фудбалер на Сараево, Хајдук и Ајнтрахт од Брауншвајг. Во германските клубови Хамбургер, Шалке и Фортуна Диселдорф оствари и успешна тренерска кариера.