БиХ и Албанија наскоро без визи во ЕУ
27 мај 2010“Среќна сум да најавам дека Европската комисија денеска го усвои предлогот за визна либерализација за граѓаните на Албанија и на БиХ. Ќе можат да патуваат со биометриски пасоши без визи. Сега е на ЕП и на Советот да ја донесат крајната одлука, но се надевам дека многу скоро граѓаните ќе можат да ги уживаат бенефитите од визната либерализација,“, соопшти еврокомесарот за внатрешни работи Сесилија Малстром.
Сепак, Албанија и Босна се‘ уште имаат работа на реформската агенда.
Уште една проверка
Исто како што беше со Македонија, ЕК летово ќе испрати експертски мисии во двете земји за да го проверат реформскиот напредок и да ги информираат Парламентот и Советот на ЕУ за состојбата.
ЕК не сака да лицитира со датуми засега, комесарката денеска призна дека се можни одлагања за овие две земји.
Малстром се осврна и на прашањето со азилантите кои ја злоупотребуваа визната либерализација:
“Визната либерализација доаѓа со одговорност. Во рамките на претходната визна лиерализација имаше зголемување на бранот на нелегални барања за азил кои беа проблематични за некои земји-членки на ЕУ, сметаме дека процесот на визна либрализација не смее да се става во прашање поради овие злоупотреби, стануваше збор за изолирано ширење на лажни информации. Го решивме проблемот. Важно е БиХ и Албанија навреме да се справат со овој проблем и да ги информираат граѓаните.“
Во двете земји се започнати информативни кампањи за спречување на злоупотребите, потврди комесарката.
Сега, од целиот регион, само Косово останува жежок костен во рацете на Европа. ЕК веќе работи со новата држава, според европските комесари, Косово се‘ уште не ги исполнува основните услови за започнување на процесот.
Автор: Тања Милевска
Редактор: Жана Ацеска