1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

БиХ - дали „недопирливите“ повторно ќе се извлечат?

Самир Хусеиновиќ/ Жана Ацеска14 септември 2012

За полициските акции „Кукла“ и „Бос“ се зборува како за „почеток на крајот на организираниот криминал во БиХ. Експертите сметаат дека овие акции треба да резултираат со апсење на високи политички функционери.

https://p.dw.com/p/168rR
Фотографија: Klix.ba

Наводно, една од целите на полициската акција „Кукла“ била и апсењето на контроверзниот бизнисмен Хасер Келменди, кој пред два месеца стигна на „црната листа“ на американската администрација. Според неофицијалните информации, Келменди засолниште нашол во родниот град Пеќ на Косово, а министерот за безбедност на БиХ Садик Ахметовиќ најави распишување меѓународна потерница. Последната полициска акција спроведена последниве неколку денови, е најголемата повоена акција во БиХ, во неа учествуваше над стотина полицајци, а на мета се најдоа членовите на три големи криминални групи.

Криминалот почнува од власта

Бидејќи организираниот криминал во наголем број случаи е поврзан со функционерите на власт, Емир Ѓикиќ од огранокот на Транспаренси Интернешнл во БиХ стравува дека тоа би можело да ги загрози актуелните полициски акции или да ги намали нивните крајни резултати.

„Постои можност политичките врски, доколку не бидат откриени и луѓето уапсени, да ги прекинат овие акции на ниво на обвинителство или на судско ниво“, предупредува Ѓикиќ.

Kampf gegen organisierte Kriminalität
Фотографија: Klix.ba

Во земјата во која освен криминалот многу нешта се неорганизирани, борбата против кршењето на законите е тешка, вели поранешниот министер за внатрешни работи Нермин Пеќанац: „Се‘ додека не допреме до луѓето од врвот кои создаваат амбиент погоден за делување на криминалците, не можеме да зборуваме за крај на организираниот криминал во БиХ: Ова е добра полициска акција во државата и заслужува пофалби. Тоа е почеток кој охрабрува, но далеку сме од крајот на борбата против криминалот“.

И натаму има „недопирливи“

Досегашната пракса покажа дека многу бивши или актуелни функционери против кои се водени истраги или биле покренати судски постапки, останале „недопирливи“. Новинарот Сенад Пеќанин тврди дека најсериозната форма на организиран криминал е оној кој е поврзан со самиот врв на власта.

„Кога новата власт во БиХ конечно беше формирана, државното обвинителство во само седум дена отфрли и им препушти на пониските обвинителства многу сериозни истраги и сите собрани докази за организираниот криминал на лидерите на трите најмоќни политички партии во БиХ. Зборувам за лидерот на Социјалдемократската партија на БиХ Златко Лагумџија и аферата „рекет“, за документираните обвинувања за криминал против претседателот на Република Српска, Милорад Додик во врска со изградбата на зградата на владата на РС, како и за многубројните афери и докази поврзани со лидерот на Хрватската демократска заедница на БиХ Драган Човиќ“, вели Пеќанин.

„Се‘ додека највисоките политички челници се недопирливи, борбата против организираниот криминал нема шанса за успех“, тврди Пеќанин. Тој смета дека актуелните полициски акции се „темпирани во предизборни цели на владејачките партии за да се создаде впечаток дека власта прави нешто околу сузбивањето на криминалот“.