1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бизнисот стравува од хаос ако пропадне договорот со Грција

Костадин Делимитов
20 јуни 2018

Решението на спорот за името е од витално значење за македонската економија, а патот кон ЕУ нема алтернатива. Стопанствениците очекуваат ветар во едра, но сѐуште се во грч во исчекување на конечната разрешница.

https://p.dw.com/p/2zuBs
Mazedonien Skopje Proteste
Фотографија: DW/Boris Georgievski

Договорот за решавање на македонско - грчкиот спор за името е политичко прашање од витално значење за економијата.  Сигналите за брзо отворање на евроатлантските интеграции се охрабрувачки за домашните, но и странските бизнисмени во Македонија. Стопанствениците се оптимисти дека решението на деценискиот спор значајно ќе ги отвори перспективите за земјата. Првите сигнали велат, веќе се чувствуваат:

„Добрата работа со договорот со Грција е надежта дека конечно ќе се откочат евроатлантските интеграции на Македонија и сигурно дека тоа ќе влијае многу позитивно на бизнисот. Дури и еве на македонската берза се чувствува придвижување, акциите растат, пазарите се придвижуваат. Дефинитивно дека многу позитивно ќе се осети ефектот и на влезот на нови странски инвестиции, но и на инвестициите од страна на домашните инвеститори. Бизнисот ќе се охрабри, а ефектите сигурно дека ќе бидат позитивни“, смета Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија.

Screenshot aus DW-Video |  Mazedonien, Zentrum von Skopje
Фотографија: DW

Страв од политичка криза

Оптимизмот кај стопанствениците е реален и оправдан, посебно ако се земат во предвид искуствата на земјите од регионот. Но реални се и стравувањата од она што се случува на политички терен:

„Договорот сигурно ќе има позитивни ефекти и импликации. Тоа се случи во сите други земји со почетокот на преговори и влезот во НАТО. Земете ја една Албанија на пример каде по влезот во НАТО нивото на странски инвестиции се зголеми за три пати. И тоа не е нешто ново што ќе се случи во Македонија, едноставно инвеститорите ќе станат посигурни. Но стравувам од политичката криза. Од овие состојби околу опозицијата, реакциите. Ако се искомплицира политичката состојба тоа ќе делува многу негативно.   Затоа мора оваа состојба на хаос што побргу да ја поминеме. Колку побрзо излеземе од оваа ситуација и се расчистат работите, толку побрзо и ќе можеме да очекуваме позитивни резултати на економски план. Тогаш ќе биде добро“, смета Димитров.

Не само кај домашните стопанственици. Договорот влева надеж и кај странските инвеститори. Посебно кај оние што се веќе присутни во Македонија. Првичните реакции, велат, веќе се позитивни. Бизнисот ќе види најголем бенефит од стратегиското партнерство помеѓу двете земји, но исто така и граѓаните кои допрва треба да станат свесни за придобивките од овој процес:

„На граѓаните можеби нема веднаш да им биде јасно што значат настаните од минатиот викенд, но има време пред нас во кое ќе им овозможиме да разберат, да им се објаснат сите придобивки. Јас сум европски бизнисмен и јасни ми се придобивките од тоа што Македонија ќе биде интегрирана во Европската унија. Договорот е прва цигла од куќата наречена Европска унија. Минатиот викенд се покажа дека Македонија не е остров и дека е во интеракција со своите соседи. Истото важи и за странските инвеститори во Македонија, тие не се остров. Странските инвеститори се интегрираат себе си во македонското општество“, вели претседателот на Советот на странски инвеститори во Македонија Штефан Петер.

Mazedonien Skopje Alexander der Große Skulptur
Фотографија: DW/F. Schmitz

Отстранување на административните бариери

За домашните стопанственици е многу важно паралелно да се развиваат и состојбите на домашен план. Посебно во делот на административната поддршка за развој на бизнисот. Клучно е велат да се работи на отстранување на административните бариери:

„Идејата да се помогне на стопанството и да се изедначи со странските инвеститори е многу добра. Но треба да видиме како ќе тече реализацијата на овој проект. Од досегашните искуства знаеме дека имаше доста проблеми кога работите ќе се спуштат на нивото на одлучување на пониските државни службеници. Тогаш се јавуваат еден куп недоречени работи и ситници кои му сметаат на стопанството. На пример со документацијата, се бараат потврди дека не сте во стечај, ликвидација, дали и колку должите, завршни сметки за последни 4 години и слично. Сето тоа може да се добие електронски во регистарот. Таквите бирократски работи често ги одбиваат работодавачите и компаниите. Затоа велам дека е потребна поголема флексибилност и соработка на институциите. Колку е можно да се поедностави процедурата на аплицирање. тоа ќе биде подобро“, вели Димитров.

Колку е значаен процесот на откочување на евроатлантските интеграции на Македонија доволно покажуваат статистичките податоци. Не само во делот на инвестициите, туку и во трговската размена. Најголем дел од веќе присутните странски компании кои веќе работат во Македонија се од земји членки на Европската унија.  Германија притоа е водечка по сите параметри,  со која Македонија со години веќе има и суфицит во размената и тоа значителен, кој постојано расте. Ако се земат предвид и останатите податоци за трговската размена, кои исто така покажуваат дека Европската унија е македонски главен трговски партнер, тогаш нема дилеми дека за македонската економија нема друга алтернатива.