1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За имунитетот на пратениците ќе се одлучува попладнево

БГ
29 ноември 2017

Судот му одреди притвор и на Богдан Илиевски, еден од организаторите на протестите на „За Заедничка Македонија“. За имунитетот на пратениците попладнево треба да одлучува надлежната собраниска комисија.

https://p.dw.com/p/2oS5x
Mazedonien Proteste in Skopje VMRO DPMNE
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Досега вкупно шест лица, меѓу нив и поранешниот министер за внатрешни работи и директор на БЈБ, Митко Чавков добија 30 дневен притвор во судот во Скопје. Последен во низата, според агенцијата Макфакс, е Богдан Илиевски алијас „Бетмен велит“, актуелен член на Извршниот комитет на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, и еден од главните организатори на протестите кои завршија со насилничкиот упад во Собранието на 27 април годинава. Меѓу притворените е и оперскиот пејач Игор Дурловски. На две лица им е одредена мерка домашен притвор.

Во Собранието се очекува враќањето на претседателот Талат Џафери, а потоа треба да се одржи седница на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања која треба да расправа по барањето на судот за одземање на пратеничкиот имунитет на шест пратеници: Крсто Мукоски, Сашо Василeвски, Јохан Тарчуловски,  Жаклина Пешевска и Љубен Арнаудов од ВМРО-ДПМНЕ и Љупчо Димовски од Социјалистичката партија.

Се редат притвори за упадот во Собранието

Сите шестмина се дел од предметот на Јавното обвинителство за упадот во Собранието. Обвинети се за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, согласно членот 313 од Кривичниот законик.

Комисијата треба да донесе одлука со мнозинство гласови, а истата потоа треба да ја потврди и Собранието со мнозинство од 61 пратеник.

Десетина приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ до рано утрово останаа пред седиштето на Основниот суд Скопје 1, протестирајќи против приведувањето на осомничените за упадот во Собранието. Денеска пред судот е мирно.