„Беспилотно“ продолжение на српско-албанските тензии
15 октомври 2014Европската фудбалска организација УЕФА денеска најави дека ќе отвори истрага против фудбалските федерации на Србија и на Албанија по синоќешните инциденти во Белград и прекинот на мечот меѓу двете фудбалски репрезентации. Претседателот на УЕФА, Мишел Платини, инцидентите ги оцени како „непростливи“. Претседателот на ФИФА, Сеп Блатер преку Твитер порача: „Фудбалот никогаш не смее да се користи за политички пораки. Остро го осудувам она што се случи во Белград.
Настанот го коментираа и претставници на ЕУ во Брисел. „Разочарани сме поради прекинот на фудбалскиот меч по актот на провокација“, изјави портпаролката на Европската Комисија Маја Коцијанчич. „Српските власти покажаа професионалност во справувањето со ситуацијата“, дополни таа.
Безбедносен пропуст
Случувањата на стадионот во Белград досега се невидени на фудбалските натпревари, а претставуваат и нова фаза во подбуцнувањата на националистите од двете страни, оценуваат белградски аналитичари во разговор за ДВ.
Прекинатиот фудбалски натпревар меѓу Србија и Албанија во Белград не претставуваше само безбедносен пропуст туку доведе и до дипломатски скандал. Олси Рама, братот на албанскиот премиер Еди Рама, беше уапсен во ВИП ложата на стадионот под „сомнение“ дека раководел со инцидентот со беспилотното летало и знамето на Голема Албанија. Подоцна бил пуштен по „информативниот разговор“ со полицијата.
Високо-технолошкиот напад со дронови е новина на спортските стадиони, и како што за ДВ објаснува воено-политичкиот аналитичар Александар Радиќ „очигледно е дека кај Албанците постои нова генерација, која за политички цели може да го користи своето информатичко знаење, што се виде и во бројните хакерски напади врз страниците од значење за престижот на Србите и Србија.
Сега се оди и чекор понатаму и се користат квадрикоптери за провокативни акции. Тоа е нешто потполно ново, преседан кој може да привлече внимание и кога најмалку се очекува да предизвика инцидент“, вели Радиќ. Но, овој експерт додава дека инцидентот се случи среде Белград и дека српските безбедносни служби морале да го спречат таквиот развој на настаните. „На шега би можело да се каже дека неколкуте дежурни Мигови 29 кои се подготвуваат за воената парада, пропуштија да ја извршат својата задача“, вели Радиќ. Додава дека никој не можел ни да замисли дека може да се случи објект да лета во воздушниот простор над стадион полн со луѓе во центарот на градот. Токму поради тоа, бројни коментари на социјалните мрежи предупредуваат дека можело да се случи, наместо знаме, на леталото да се најде и нешто многу поопасно.
Дипломатско влошување
Освен што сега ќе мора да се утврди кој е одговорен за безбедносните пропусти, целиот политички набој околу мечот е дополнително засилен и со вестите за апсењето на братот на албанскиот премиер. И сето тоа, на седум дена пред посетата на албанскиот премиер на Белград, прва од тој вид по 70 години.
Надворешно-политичкиот коментатор Бошко Јакшиќ смета дека самиот случај е тажен, но со сериозни дипломатски и политички реперкусии. „Дотолку повеќе што се случи во момент кога е најавена посетата на албанскиот премиер на Белград. Сега мора сериозно да се истражи кој ја организирал провокацијата. Јасно е дека сега ќе уследат меѓусебни обвинувања што само ќе ги зголеми тензиите“, вели Јакшиќ.