1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлин: Турција да го врати видеоматеријалот на Дојче веле

Нина Веркхојзер/Ж.А.8 септември 2016

Откако турското Министерство за спорт конфискуваше снимено интервју на Дојче веле, интервенираше и германското Министерство за надворешни работи. Државниот министер за култура Моника Гритерс упати остар протест.

https://p.dw.com/p/1JyCe
Фотографија: DW

Германската државна министерка за култура Моника Гритерс во Бундестагот пожнеа голем аплауз со критиката на постапката на турското Министерство за спорт, кое конфискуваше видеоматеријал на Дојче веле. „Заплената на материјалот по снимањето на телевизиското интервју со еден министер како онаа вчера во Турција, воопшто не одговара на нашата претстава за слободата на медиумите. Тоа предизвикува највисока можна загриженост“, изјави Гритерс за време на пленарната дебата за буџетот во германскиот парламент.

Модераторот Михел Фридман во понеделникот вечерта за телевизиската емисија на Дојче веле, „Зона на конфликти“, сними интервју со турскиот министер за млади и за спорт Акиф Килич, во кое меѓу другото постави прашања за обидот за пуч во Турција и последиците од него. По завршеното снимање, портпаролот на Килич неочекувано соопштил дека интервјуто не смее да биде емитувано, а по протестите на модераторот, соработници на турското Министерство за спорт го конфискувале видеоматеријалот.

Deutschland Kulturstaatsministerin Monika Grütters
Моника ГритерсФотографија: picture alliance/dpa/W. Kumm

Интервенција од Министерството за надворешни работи на Германија

Откако Дојче веле го пријави случајот во Министерството за надворешни работи во Берлин, германскиот амбасадор во Турција Мартин Ердман разговарал со шефот на кабинетот во турското Министерство за спорт, истакнувајќи дека слободата на медиумите во Германија е една од највисоките вредности, соопшти портпаролот на германското министерство за надворешни работи Мартин Шефер. Според него, разговорот бил конструктивен, а на крајот двете страни изразиле надеж дека овој инцидент нема да предизвика натамошни реперкусии во германско-турските односи, силно оптоварени поради донесената резолуција во Бундестагот за Ерменија и поради развојот на настаните во Турција по обидот за пуч.

Турската страна не порекнува дека „видеоматеријалот од страна на турски камермански тим е пренесен во турското Министерство за спорт“, потенцира Шефер, но инцидентот не го оценува како конфискација. Германската влада го поддржува барањето на Дојче веле за враќање на снименото интервју и тоа без никакви „дилови“: „За нас нема пазарење во сферата на слободата на медиумите“, истакнува Шефер.

DW Conflict Zone Türkei - Gast Akif Çağatay Kılıç
Михел Фридман и Акиф Килич во „Зона на конфликти“Фотографија: DW/M. Martin

Удар врз слободата на печатот

Пратеникот во германскиот Бундестаг од ЦДУ, Гинтер Крихбаум инцидентот го смета за неодржлив: „Станува збор за видео и тонски материјал од Дојче веле и тој треба да и‘ биде вратен на куќата“. Турската влада мора да знае: без слобода на медиумите нема слобода на мислата, нема демократија, нагласува Крихбаум: „Демократијата е една од нашите централни вредности во ЕУ, оној кој има аспирации еден ден да стане член на Унијата, мора да биде подготвен на споделување на овие вредности.“

„Ова е повторен удар врз слободата на медиумите во Турција“, вели Мартин Дерман, портпарол на СПД за медиумски прашања. И тој бара од турската страна што поскоро враќање на снимениот материјал од Дојче веле. Но, инцидентот го покажува и значењето на Дојче веле: „Дојче веле очигледно е незгодно за авторитарните режими, зашто практикува независно новинарство“, изјави Дерман.