Берлин стравува од руското влијание врз Бугарија
12 мај 2014Интерни извештаи на германската влада предупредуваат дека Русија ја претвора Бугарија во свое предмостие кон ЕУ. Една третина од економските активности во Бугарија директно или индиректно се контролирани од Москва, се наведува во документите кои ги цитира „Шпигел“.
Весникот понатаму наведува дека коалициската влада составена од социјалистите и партијата на турското малцинство се смета за верен помошник на Москва. Во владините партии седат стари комунистички кадри, соработници на тајните служби и исклучително богати бугарски олигарси кои соработуваат со блиските на Путин.
Весникот потсетува дека минатата недела беше објавена информацијата за доверливите писма од рускиот енергетски концерн Гаспром до министерот за економија во Софија во врска со законодавството за гасоводот Јужен тек.
„За да ги заобиколи европските правила, владата се поигрува со Европската комисија, декларирајќи го бугарскиот дел од гасоводот како поврзувачка единица“.
„Шпигел“ го цитира и еврокомесарот за енергетика Гинтер Етингер кој предупредува дека доколку „Бугарија го прифати таквиот закон, ќе се реагира на соодветен начин и ќе бидат преземени правни дејствија, за да се обезбеди почитувањето на правилата на ЕК“.