1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлин соочен со нови барања за репарации

Кристоф Хаселбах/бг12 март 2015

Грчката влада ги засилува барањата за германски репарации од Втората светска војна. Иако дел од барањата се оправдани, шансите за успех се многу мали

https://p.dw.com/p/1Ep40
Фотографија: cc-by-sa/Bundesarchiv/Bauer

Штетите датираат од пред повеќе од 70 години. За време на германската окупација, илјадници Грци биле убиени, инфраструктурата унишена, а грчката Централна банка принудена да и‘ даде заем на Германија. Германија никогаш не исплати отштета за дел од овие штети. Официјалниот став на Берлин е дека прашањето за репарациите е „правно и политички затворено“. Мартин Јегер, портпарол на министерството за финансии тоа многу јасно го кажува: „Немаме намера да водиме никакви преговори со Грците“.

Германската влада неколку пати повтори дека согласно договорот од 1960 година на неколку европски земји им биле исплатени 115 милиони германски марки. Дополнително, Берлин објаснува дека бил востановен систем на компензаторни мерки од кој профитирале и Грците.

Без мировен договор - нема пари

Но, во Грција проблемот е далеку од затворен. Улрих Батис, експерт за уставно право од Берлин, за ДВ вели: „Грците се обидоа повеќепати, во домашните и во меѓународните судови. Досега не беа успешни“. Но правниот експерт вели дека не може целосно да се исклучат шансите за успех на нивните барања. Според Лондонскиот договор за германскиот надворешен долг од 1953 година, поранешната Западна Германија и сојузниците од Втората светска војна се согласија дека конечното решение за германските воени долгови треба да се одложат до потпишувањето на мировен договор.

За време на процесот на обединувањето на Германија, Германците, според Батис, „намерно избегнувале склучување мировен договор“. Наместо тоа бил постигнат т. н. „Два плус четири договор“. Овој договор, вели Батис, е основата на актуелниот германски став кој тој го опишува како: „Нема мировен договор, не добивате ништо“.

Репарациите колку и грчкиот долг

Веројатно на тоа мислеше и грчкиот премиер Алексис Ципрас кога неодамна пред парламентот изјави дека Германија ги одбива репарациите користејќи „правни трикови“. Батис признава дека „овие барања имаат одредена легитимност“, но го одбива тврдењето за користење „правни трикови“. „Сите страни потпишаа. Германија не принуди никого на ништо“.

Das Goethe Institut von Athen
Гете Институтот во Атина би можел да стане предмет на спорФотографија: DW/Irene Anastassopoulou

Ципрас досега не изнесе прецизна бројка, но минатата недела весникот „То Вима“ повикувајќи се на тајна државна истрага тврдеше дека се работи за сума од 300 милијарди евра. Случајно или не, сумата е речиси идентична со вкупниот грчки државен долг.

Грчкиот министер за правда Никос Параскевопулос најави дека е подготвен да конфискува германски имот, доколку дојде до тоа. Конфискацијата би можела да ги вклучи, Гете Институтот и Германскиот Археолошки Институт. Владиниот портпарол Штефан Зајберт одбива да ги коментира ваквите закани. Александер Граф Ламбсдорф, член на Европскиот парламент од редот на либералите, ја сметаа оваа идеја за „незаконска“ и го критикува грчкиот правен систем кој, според него, се злоупотребува во политичка кампања. „Наместо да води војни од минатото, новата грчка влада треба да се бори за иднината“, вели Ламбсдорф.