1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлин се дистанцира од Шредер по прегратката со Путин

ЕМФ/ртр/дв29 април 2014

Место: Санкт Петербург. Повод: роденденска прослава. И - оваа фотографија. Среде украинската криза поранешниот германски канцелар Шредер во прегратка со рускиот претседател Путин. Во Берлин се дистанцираат од Шредер.

https://p.dw.com/p/1Bqbo
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германската новинска агенција ДПА, повикувајќи се на руски медиуми, извести за средбата во Санкт Петербург и како доказ ја лиферуваше фотографијата од пикантната средба на Герхард Шредер и Владимир Путин. Поранешниот германски канцелар во Санкт Петербург го слави 70. роденден со шефот на Кремљ, среде криза околу Украина. Според руски медиуми, станува збор за прием организиран од страна на Северен тек АГ. Шредер, кој важи за близок пријател на Путин, е претседавач на Одборот на акционери на концернот, кој управува со истоимениот гасовод и е под доминација на рускиот државен концерн за гас Гаспром. Шефот на Гаспром, Алексеј Милер, како што се вели во извештаите, бил исто така меѓу гостите во Санкт Петербург.

Агенцијата Ројтерс денеска (29.04) повикувајќи се на изјава на висок неименуван претставник на германската влада, јави дека владата во Берлин се дистанцира од екс канцеларот, додека од канцеларијата на Шредер се‘ уште нема коментари за фотографијата.

„Тој не ја претставува германската влада. На сите треба да им е јасно дека господин Шредер пред извесно време се откажа од активната политика“, изјави неименуваниот владин претставник за Ројтерс.

Шредер за кризата на Крим последен пат даде изјава во март, за неделникот „Ди цајт“. Тој рече дека Русија го крши меѓународното право, но даде дека и тој самиот како канцелар, во конфликтот во Југославија, исто така го прекршил меѓународното право и дал дозвола авионите Торнадо во 1999 година да учествуваат во бомбардирањето на НАТО „без за тоа да има заклучок на Советот за безбедност“. Тогаш, меѓутоа, додаде Шредер, стануваше збор за воена интервенција која требаше да стави крај на убивањето на Косово. За своите оценки Шредер беше жестоко критикуван. Тој потоа во изјава за втората германска телевизија дополни дека Германија има историска одговорност, поради тоа што 25 милиони Руси ги загубиле животите во времето на нацистичка Германија. Според него, фатално е да се прават споредби меѓу Путин и Хитлер. Претходно, имено, германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле ја спореди постапката на рускиот претседател Путин на Крим со анексијата на дел од Чехословачка од страна на Хитлер.