Берлин реагира на турската критика кон Меркел
21 јуни 2013Министерството за надворешни работи на Германија го повика турскиот амбасадор во земјата за да изрази протест против критиката на еден турски министер за германската канцеларка Ангела Меркел. Со повикувањето на амбасадорот министерот за надворешни работи Гидо Вестервеле реагираше на „изјавите од официјалната турска страна во правец на Германија“, кои во Берлин наидоа на ’големо неразбирање’“, изјави денеска портпарол на Министерството за надворешни работи во Берлин. „Тоа не оди така“, дополни тој. Германската влада денеска на турскиот амбасадор Хусеин Авни Карслиоглу ќе му го образложи својот став „со сета неопходна јасност“.
Турскиот министер за европски прашања, Егемен Багис ја предупреди Меркел, од пристапот на Турција во ЕУ да не произлезе тема за предизборната кампања за изборите за Бундестагот во септември. Доколку госпоѓа Меркел бара внатрешно-политичка тема за нејзините избори, тогаш тоа не смее да биде Турција“, рекол Багис, според турските медиуми.
Багис укажа на тоа дека Никола Саркози, одлучен противник на приемот на Турицја во ЕУ, на француските претседателски избори во 2012 година доживеал пораз. „Турција не е погодна за внатрешно-политички игри“, дополни министерот. Меркел во понеделникот рече дека таа е „шокирана“ од насилните постапки на силите за безбедност против турските демонстранти.
Во февруари годинава Меркел по еден разговор со турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган во Анкара ги потврди нејзините задршки против турско полноправнно членство во ЕУ. Истовремено таа изрази желба, да се отвори ново поглавје во преговорите за пристап на Турција во ЕУ. Наместо пристап на Турција во ЕУ, Меркел се залага за „привилегирано партнерство“ на Турција со ЕУ.