Берлин разочаран: „Американците не излажаа“
14 јануари 2014И покрај тоа што Вашингтон соопшти дека до крајот на неделава ќе бидат објавени планираните реформи во работата на Националната безбедносна агенција (НСА), германските медиуми веќе се подготвени за разочарувачки исход за Берлин во однос на преговорите за договорот „нешпионирање“ меѓу двете земји.
Денешното издание на „Зидојче Цајтунг“ излезе со наслов: „Американците не излажаа“, цитат кој весникот му го припишува на неименуван висок германски државен службеник. Според весникот, Американците ќе ги отфрлат клучните барања на Германија во однос на шпионирањето.
Вашингтон одбива да вети дека ќе престане да ги прислушкува германските политичари, одбива да појасни колку долго бил прислушкуван мобилниот телефон на Ангела Меркел, и не сака да даде дополнителни информации дали и други високи германски политичари биле прислушкувани. Конечно, одбиено е и барањето германски претставници да добијат пристап до базата за индустриска шпионажа која е сместена на последниот кат на американската амбасада во Берлин.
Вашингтон не сака преседан
„Ништо нема да добиеме“, изјави германски претставник кој е во тек со преговорите. Според извештајот на „Зидојче Цајтунг“, шефот на германската БНД Герхард Шиндлер интерно на своите колеги им изјавил дека е подобро воопшто и да не се потпишува договор со САД.
Владите во Берлин и Вашингтон отворија преговори за билатерален договор со кој ќе се регулира шпионирањето меѓу двете земји. Официјално, и двете страни тврдат дека преговорите се при крај.
Весникот „Њујорк Тајмс“, уште во декември минатата година јави дека Германија најверојатно ќе биде разочарана од исходот на преговорите, во кои Берлин инсистираше да се престане со следењето на комуникациите во земјата од страна на НСА. Советникот за национална безбедност на американскиот претседател Сузан Рајс уште тогаш предупреди дека Вашингтон не сака да воспостави меѓународен преседан со тоа што ќе прифати билатерален договор со Германија на оваа тема.
Европскиот парламент го покани Едвард Сноуден да сведочи преку видео-линк за скандалот, а веќе го објави и првиот извештај по истрагата за шпионирањето на НСА. Германскиот парламент сѐ уште ја разгледува можноста да отвори сопствена истрага.