1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлин на електричен погон

Рихард Фукс/ Дијана Ристова 10 февруари 2015

Берлин сака да стане предводник во користењето на возилата на електричен погон. Но, засега тие планови се недостижни, пред се' поради недоволната инфраструктура.

https://p.dw.com/p/1E5gQ
Фотографија: picture-alliance/dpa/Sebastian Kahnert

„Берлин електризира“ - барем така тврдат градските власти во најновата брошура, која ја најавува преобразбата на Берлин во светска метропола на еколошкиот транспорт до 2020. „Всушност, Берлин како растечка метропола би можел да одигра главна улога во воведувањето на електричните возила“, вели берлинската министерка за транспорт, Корнелија Изер.

Малку електрични возила

Но, се' уште по улиците на Берлин и Германија, се возат занемарлив број на автомобили на електричен погон. Во средината на оваа година, во Берлин беа регистрирани само 1.350 возила на електричен погон, од тие, само стотина во возниот парк во градот. Вкупно во градот се регистрирани 1,3 милиони возила. И покрај овие мали бројки, Берлин е, барем што се однесува на Германија, далеку пред останатите градови. Претприемачот Кнут Хештфишер би требало да работи на зајакнување на мрежата за полнење на електронските автомобили, но, засега од градот нема „јасни сигнали“. „Сѐ почна многу бомбастично пред две години, но, на тоа и остана“, вели Хештфишер. Единствено нешто кое засега не недостасува се експериментални проекти: 30 веќе започнаа, се подготвуваат уште 50.

Електричната мобилност се' уште непозната

На прво место на главните задачи на електро-иницијативата е да се електрифицираат сите возила во градскиот сообраќај, како и кај компаниите кои, поради логични причини зависат од сообраќајот. Се размислува и за воведување на бесплатно паркирање за автомобилите на електричен погон. Во поглед на инфраструктурата, постигнат е еден мал успех. Разни понудувачи на електрична енергија се договорија за еден вид „електро роаминг“, каде корисниците би можеле во иднина да плаќаат со единствена картичка. Во центарот на Берлин постои и од градот финансирана канцеларија, каде граѓаните можат на лице место да испробаат како е да се вози на пример, мопед на електричен погон.

Barbara Hendricks mit Elektrofahrzeug in Bonn
Министерката за екологија барбара Хендрикс со електроавтомобилФотографија: picture-alliance/dpa

Уличните светилки - полначи

Но, додека медиумската презентација „Берлин, град на електричен погон“ уште и успева, компаниите кои би требало да учествуваат во проектот прилично доцнат со барањата за субвенции. Претприемачот Хештфишер вината ја фрла на градските власти кои, како што вели, поставуваат „високи бирократски препреки“ што предизвикува одложување на изградбата на инфраструктурата. Целта по која веќе оваа година околу градот требаше да бидат поставени 1.600 станици со полначи, нема да биде остварена ниту до крајот на 2015.

Притоа, една идеја која беше понудена од компанијата „Ubitricity“, би можела да го реши градот од скапата изградба на инфраструктурата. Оваа компанија дошла до идеја како да ги прилагоди постоечките столбови за јавно осветлување на полнењето на автомобилите. На тој начин, со малку инвестиција градот би добил 227.000 станици за полнење на електричните автомобили. Но, на градските власти оваа идеја им се чини премногу смела, бидејќи досега не е испитана во јавната употреба. Многу критичари предлагаат дека, со тоа, градот сложно би требало да го промени „Берлин електризира“ во „Берлин електризира, по малку“.