1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлин креира мода

Ајгил Чижмечоглу / Елизабета М. Фиданоска14 јануари 2014

Германскиот главен град пулсира во ритамот на Неделата на модата. Познатата Fashion Week, особено омилена меѓу дизајнерите кои се пробиваат на светската сцена, почнува денеска (14.01).

https://p.dw.com/p/1AqJ2
Фотографија: AP

Карлота Вилде ја привршува работата. Треба да се стават последните нитни и да се зашијат последните копчиња. Во нејзиното минијатурно ателје во центарот на Берлин се натрупани скици, не може да се помине од закачалки. На нив - мантил од кашмир, здолништа од кожа комбинирани со нежна розева свила. Прави линии, чиста елеганција без непотребни додатоци. Секое парче чини меѓу 200 и 1000 евра.

Поволни кирии, добра поддршка

Вилде ќе ја презентира својата нова колекција на овогодишната Недела на модата во Берлин. „Има огромни трошоци, токму ако се занимавате со висока мода како јас и ако употребувате скапи материјали“, вели 29-годишната Карлота Вилде. „Покрај тоа, за се‘ ова да остане во главите на луѓето, мора да се организираат супер манифестации, вечери со претставници на медиумите, шоуа. Сето тоа чини неверојатно многу пари.“

По студиите по мода во Минхен, Карлота Вилде во 2010 година основа своја фирма и се сели во Берлин. „Овде станарините се пониски. Можам да си дозволам студио. На друго место тоа би било неможно“, објаснува таа. „Освен тоа, овде има креативна мрежа од модни фотографи, стилисти, ПР-луѓе. Тоа е добра поддршка.“

Не е доволно само да се биде креативен

Во 2011 година Карлота Вилде профитираше од тоа. Таа ја доби наградата за млади дизајнери „Premium Young Designers Award“. Добивката од тоа е - едно од најдобрите места за изложување на берлинската Fashion Week. Такво нешто младите дизајнери речиси и не можат да помислат да платат. Сепак, и покрај добрите критики и верните муштерии, Карлота Вилде се‘ уште не може да живее сосема од својата мода. Нејзините родители се‘ уште и‘ даваат финансиска поддршка.

Berlin Fashion Week 2014 Karlotta Wilde
Карлота ВилдеФотографија: DW/A. Cizmecioglu

Тоа во браншата не е реткост. Конкуренцијата е голема. Во Берлин живеат околу 800 млади модни креатори. Кој смета дека е доволно само да се биде креативен, брзо ја губи битката. Многу некогаш фалени модни марки и фирми како Сиси Васаби, во меѓувреме веќе се банкротирани.

Тања Милханс, одговорна за модата како стопанска гранка во берлинскиот Сенат, вели: „Дури и на најталентираните добро би им дошле економски познавања.“ Целта на Милханс е да ги врзе младите креатори трајно за Берлин.

Градот има своја награда за млади дизајнери кои допрва доаѓаат - „Start your fashion business“. Едни од првите добитнички на оваа награда беа креаторките од „Аугустин Тебул“. „Покрај наградата која тежи 25.000 евра, добивме и обука за основање фирма, значи поддршка во делот на маркетинг и финансирање“, објаснува Анели Аугустин.

Berlin Fashion Week 2014 Augustin Teboul
„Аугустин Тебул“Фотографија: Esra Rothoff

Таа по годините минати на обука во големи модни куќи како Адидас и Готје, се осмелила заедно со Французиката Одели Тебул да направи чекор кон осамостојување. Нејзините црни фустани со хеклани делови прво ги правела во својата дневна соба. Во меѓувреме, нејзините креации се дел од производите во луксузните бутици од Лос Анџелес до Хонгконг. Нејзини муштерии се и познати личности, како Ријана или Кејти Пери. Германско-францускиот дует успеа да направи меѓународен пробив, а почна од градот на Шпреја.

Експериментално наместо етаблирано

Но за продажба Берлин и не е толку одлучувачки. Германскиот главен град важи пред се‘ за место на коешто се пласира Street Fashion. Меѓународните муштерии го ценат Берлин како креативно место „Овде разгледуваат, но нарачуваат во Париз, пред се‘ кога се работи за висока мода каква што правиме ние“, објаснува Анели Аугустин.

„Експериментално наместо етаблирано“ - таков е имиџот на берлинската Недела на модата во странство. Можеби затоа на саемот на мода на Шпреја ги нема џиновите во браншата, како Гучи или Армани, исто како што ги нема ниту повеќето влијателни светски модни критичари.

Затоа пак, шанса за Берлин може да биде еко-модата. Таа е гранка на модата која бележи најбрз развој и раст. Боби Коладе, свесно не употребува материјали како кожа или крзно. Тој е дете од германско-нигериско семејство, израснал во Уганда, а студирал мода во Берлин. Со својата колекција во 2013 година ја доби наградата за најдобар млад креатор на берлинската Fashion Week. Наместо кожа или крзно, Коладе употребува вискоза или кора од смоква. „Одржливоста за мене е повеќе прашање на свеста. Јас сум против денешното брзо купување, брзо облекување и брзо фрлање“, објаснува овој 26-годишен креатор, кој е на почетокот на својата кариера.

Berlin Fashion Week 2014 Bobby Kolade
Креација на Боби КоладеФотографија: William Minke

Тој знае дека гладта за трошење во развиените земји е подлога за експлоатацијата во Третиот свет. Затоа, заедно со еден уметник, креирал пуловер на кој има фотографии од една урната текстилна фабрика во Бангладеш. Во таа несреќа, во 2013. година загинаа над 1000 луѓе. За својата храбра акција беше пофален од модните блогери од цел свет. „Кога се‘ се одвива етички и човечки, тогаш тоа е добро за производот“, вели младиот дизајнер. Затоа тој својата наредна колекција ќе ја произведува во Германија. Не стравува дека можеби ќе се префорсира финансиски. Визијата понекогаш е поубедлива од кој било износ на етикетите со цена.