Берлин би требал да помогне за барањата на босанските демонстранти
13 февруари 2014Дојче веле: Демонстрантите во БиХ бараат оставки од корумпираните политичари и тоа на сите нивоа. Демонстрациите се главно во Федерацијата, додека народот во Република Српска горе-долу молчи. Дали овој социјален бунт може да прерасне во себосанско востание?
Ролф Мицених: „Тоа е исклучено, бидејќи гледам дека во различни градови се демонстрира со различен интензитет – главно, против претставниците на политичкиот систем. Тоа покажува дека луѓето се незадоволни од политичкото водство и од корумпираниот систем, кој се етаблирал во земјата“.
Дали Европа по најновите немири во БиХ ќе остане во улога на набљудувач или има намера да преземе нешто сериозно?
„Морам да признам дека внатре во ЕУ постојат разлики во мислењата како треба да изгледа функцијата на високиот претставник во земјата. Мораме в предвид да ги земеме потребите на луѓето и што е најважно, сериозно да поразговараме со политичките претставници на различните нивоа на власт“.
Но, меѓународната заедница има овластување да ги смени политичарите кои го кочат секој процес. Зошто таа се откажува од таквото овластување, бидејќи за тоа и Германија во минатото многу се залагаше?
„Тоа секогаш е многу чувствително прашање, на кое немаме едноставен одговор. Секако дека постојат двојби кога со мешање од надвор ќе донесете некој голема преобразба внатре во политичкиот систем. Не треба да ја заборавиме позадината поради која се етаблираа такви структури и не можеме само едно ниво да го прогласуваме за одговорно. Мислам дека е неопходно германската влада, внатре во ЕУ, да размисли дали врз основа на можностите отворени со Дејтонскиот договор, би можела да помогне да им се удоволат, според мое мислење, и тоа како оправданите барања и интереси на демонстрантите. Но, тука постојат различни инстанци и во структурите на ЕУ“.
Високиот претставник Валентин Инцко ги налути луѓето во БиХ со изјавата дека ќе ги повика трупите од ЕУ да интервенираат. Дали тоа е политиката која ја води ЕУ или тоа беше негова грешка?
„Не сум за такви изјави, посебно не да се посегнува по средства кои се однесуваат на употреба на сила. Факт е дека одредени групи ги искористија протестите и дека избија насилство и нереди, напади на лица, но не мислам дека е од голема помош уште на самиот почеток да се игра на картата – употреба на сила. ЕУ тука мора внимателно да реагира, па така и високиот претставник“.
Може ли Берлин да им помогне на невладините организации и на луѓето во БиХ, пред ситуацијата да ескалира?
„Навистина би морале да размислиме за таков вид на помош. Ние имаме невладини организации, кои самите делуваат во регионот. На БиХ и’ е потребна помош од страна на германската влада во областа на развојната политика. Од друга страна, имаме ситуација во која ЕУ ѝ воведе санкции на БиХ поради политичката криза и неделотворниот политички систем. Тука мораме точно да видиме кои мерки и средства делуваат, а кои ги оптоваруваат граѓаните“. Не треба да се остане само на апели, туку треба силно да се ангажираме на различни нивоа тие протести да се сфатат сериозно. Итно се потребни реформи, но и поинакво однесување на политичката класа“.
Дали во Германија или во официјален Берлин воопшто се сфаќа дека Европа само ги охрабрува екстремистите во БиХ, доколку ништо не направи?
„Политиката е комплексен поим. Постојат внимателни набљудувачи, кои во последните денови известуваа за протестите во германските медиуми и тоа многу диференцирано. Ние во Бундестагот, а посебно во сојузната Влада мораме сега да ги држиме очите отворени кон БиХ“.
Дали немирите во БиХ би можеле да ја загрозат стабилноста на Балканот?
„Тие сигурно влијаат на регионот, но ние не смееме на тоа тоа да гледаме како да постои директна акција-реакција. Постои различен развој на ситуацијата, кој внимателно го следиме во поединечните земји, посебно на нивниот внатрешно-политички план. Тие земји се во огромна економска криза. Притоа, одредени неодговорни политички актери се обидуваат политички да ги искористат економските проблеми. Но, низа од земји на Балканот размислуваат во регионален контекст. Мислам дека долгорочно тоа е еден од патиштата на ЕУ кон регионално поврзување на Балканот“.