1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлин би требал да го испраша Сноуден преку видеолинк

Михаел Книге / Александар Методијев10 мај 2014

Во интервју за Дојче веле, новиот трансатлантски координатор на германската влада, Јирген Хард, повикува за поголема транспарентност во преговорите за Договорот за трансатлантска слободна трговија со САД.

https://p.dw.com/p/1BxV0
Фотографија: Getty Images/Afp/Adam Berry

Во интервјуто дадено за Дојче веле Хард меѓу другото објаснува и зошто Едвард Сноуден не може да биде испрашан во Германија.

Дојче веле: За Вашингтон Евдард Сноуден е предавник кој украл државни тајни. За многумина во Германија тој е херој, кој прв го изнесе на виделина скандалот со НСА. Што е Сноуден за вас?

Јирген Хард: „Прво, мислам дека темата НСА е многу повеќе отколку откривањата на господинот Сноуден. Има разлика меѓу државната и граѓанска заштита, од една страна, и заштитата на граѓанските права и слободи, од друга страна. Има разлики меѓу Европа и Америка и тие тука се рефлектираат. За мене, според американскиот закон, господинот Сноуден е всушност престапник. Исто така и според германскиот закон, доколку германски државјанин би сторил слично дело, тогаш тој би бил суден според кривичното законодавство. Шпионажата и откривањето тајни во секоја правна држава во светот е казниво дело“.

Дојче веле: Ама без откривањата на Сноуден ние немаше да знаеме дека мобилниот телефон на канцеларката се снима или за другите механизми на НСА.

Јирген Хард: „Секако дека е добро што го вртиме вниманието на ова прашање. Верувам дека анкетната комисија ќе си ја сфати својата улога како нешто повеќе од само испрашување на господинот Сноуден. Би скал да го видам фокусот на комисијата повеќе на излегување со конкретни предлози за тоа како да се заштитат правата за податоци на германските граѓани. Комисијата едногласно изгласа да се испраша Сноуден, така што сметам дека тоа во одреден момент ќе се случи“.

Jürgen Hardt MdB USA-Beauftragter der Bundesregierung
Јирген Хард е координатор за трансатлантска соработка во сојузната германска владаФотографија: Deutscher Bundestag/Lichtblick/Achim Melde

Дојче веле: Владата се противи на испрашувањето на Сноуден во Германија, поради односите со САД. Но, неговото испрашување во Русија раководена од Путин, како што некои си замислуваат, не би открило многу нови информации. Имали излез од оваа дилема?

Јирген Хард: „Колегите во анкетната комисија ќе зборуваат за ова. Мислам дека сојузната влада мудро одмери меѓу интересот на комисијата и државните интереси. Како координатор за Америка можам да кажам дека би било екстремно комплицирано да и’ се објасни на американската јавност – зошто лице со меѓународна потерница би било слободно пуштено да влезе во Германија. Има и други можности за испрашување. Францускиот парламент тоа го прави на овој начин, Европскиот совет и Европскиот парламент го прават тоа преку видео конференциска врска. Не можам да размерам зошто тоа да не е можно за Германија“.

Дојче веле: Предложениот Договор за трансатлантска слободна трговија (ТТИП) е друга контроверзна трансатлантска тема, на која многу европски граѓани гледаат со скепса. Како би можел да изгледа договорот?

Јирген Хард: „Во однос на загриженоста на луѓето од двете страни на Атлантикот, јас можам само да кажам дека на крајот на денот за овој договор мора да се согласат сите парламенти – Конгресот, Европскиот парламент и парламентите на 28-те земји-членки. Преговарачите го знаат тоа и нема да има преговарачки резултати за кои тие не би биле сигурни дека би добиле мнозинска поддршка во парламентите. Тоа е една добра гаранција дека стандардите нема да бидат намалени“.

Јирген Хард од крајот на април работи како координатор за трансатлантска соработка во сојузната германска влада. Од 2009 година тој беше пратеник од СДУ во германскиот Бундестаг.