1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема опасност за прекин на дипломатските односи

СН/ агенции
22 август 2017

Во последните реакции во Србија за дипломатските тензии со Македонија е и пораката на министерот за надворешни работи, Ивица Дачиќ дека неговата земја сака намалување на тензиите и нормализација на односите со Скопје.

https://p.dw.com/p/2idWn
Serbien Außenminister Ivica Dacic
Фотографија: picture alliance/AP Images/D. Vojinovic

Српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, изјави дека очекува претседателот на Србија Александар Вучиќ да разговара со македонскиот премиер Зоран Заев и оти не постои опасност од прекинување на дипломатските односи меѓу Македонија и Србија. „Ние одиме во насока на помирување, во наредните недели ќе вратиме дел од персоналот. Нашата амбасадорка ќе се врати веројатно во септември. Очекувам оти Вучиќ утре ќе се слушне телефонски со премиерот Заев и јас ќе разговарам со својот колега Никола Димитров“, рече Дачиќ за телевизија Пинк.

Тој рече дека на собирот на премиери во Албанија за време на претстојниот викенд претседателката на Владата на Србија, Ана Брнабиќ, ќе има можност да се види со Заев.

Дачиќ кажа и оти стрпската страна сака нормализирање на односите и намалување на тензиите и дека Србија не работи ништо против Македонија. „Нема да им биде лесно на властите во Македонија да знаат оти ние знаеме сѐ што се случувало, а во што е вклучен странски фактор. Ние знаеме сѐ што одлучиле, што работат и што ќе работат“, рече Дачиќ.

Вучиќ: „Докази за офанзивно разузнувачко дејствување против Србија“

Генералниот секретар во Министерството за надворешни работи Вељко Одаловиќ пак денеска истакна оти повлекувањето на персоналот од амбасадата на Србија во Македонија е разумна и многу јасна порака во дипломатските кругови. „Ќе ги искористиме наредните десетина дена да извршиме внатрешна консолидација и со нашиот персонал да се подготвиме за враќање од аспект на безбедност и сѐ она што се случуваше“, рече Одаловиќ за РТС.

Наведувајќи дека Македонија од ништо не предизвикана во изминатите месеци го променила односот и политиката кон Србија, Одаловиќ рече оти односот кон нашиот персонал во Македонија е полош од некои „земји со кои имате конфликти“ бидејќи, како што наведе, и тие земји покажуваат повеќе почит кон дипломатските претставници.

Коментирајќи го соопштението на македонската влада дека за време на гласањето за членство на Косово во Унеско ќе ја има во предвид позицијата на поголемиот земји членки на ЕУ, Одаловиќ рече оти таквиот став е неодговорен и дека Србија од соседите очекувала да бидат неутрални. „Унеско не е организација од европски карактер, а дури ни членките на ЕУ не поддржуваат таков став. Најмалку што очекувавме од соседите е да бидат неутрални“, рече Одаловиќ.

Во останатите реакции на последните случувања на релација Белград-Скопје, поранешниот министер за надворешни работи на Србија, Вук Јеремиќ денеска пак оцени дека повлекувањето на целокупниот персонал на амбасадата од Македонија е „дипломатски дилетантизам и шарлатанство“. Според Јеремиќ, што и да се случило во Скопје, потегот е својствен на банана држави. 

Vuk Jeremic - ehemaliger Außenminister von Serbien
Вук ЈеремиќФотографија: Getty Images/AFP/D. Emmert

Воениот аналитичар Александар Радиќ  пак  оцени дека одлуката за повлекување на персоналот од српската амбасада во Скопје „за жал е индиректен доказ на пораз за српската политика во Македонија“.

„Јавно медиумски и разузнувачки поддржувавте една опција (во Македонија), таа опција е поразена и сега што? Сега нашата власт нема избор освен да го прави она што може да ѝ го сочува авторитетот“, рече Радиќ за агенцијата Бета.

Тој оцени дека е необично да се повлече комплетниот персонал од амбасадата, но оти станува збор за многу јасна политичка порака и дека смета оти не е спорна изјавата на претседателот Александар Вучиќ дека станува збор за разузнувачка активност. „Со тоа што тука за нас постои болна предисторија. Компромитиран е угледот на нашите служби и на нашата дипломатија, но и со новинарските аматерски активности во случај кој е турнат под тепих. И покрај тоа, тоа е случај кој јасно покажува дека некои луѓе не се дораснати за работата која ја работат, како и колку Србија била вмешана во политичките активности во Македонија“, рече Радиќ. Тој рече оти македносната служба не постапила џентлеменски кога неодамна ги објави забелешките од пресретнатиот разговор меѓу оперативец од БИА, политички претставник на Србите од Македонија и еден новинар од Белград но дека тоа, сепак, е доволен доказ во политичката вмешаност на Србија во работите во Македонија на многу дилетантен начин. „Нашата држава има разбирлив интерес, ако треба, агресивно разузнувачки да делува во заштита на интересите на Србија. Но кога сте компромитирани, тогаш сечете глави“, рече Радиќ.