Белгија - центар за вештачко оплодување
24 јуни 2008Во одделот за генетика при универзитетската клиника во Брисел уште во седум часот наутро има голема гужва. Чекалните се преполни. Пациентите, но пред се пациентките доаѓаат од сите европски земји, од Германија, Италија или Португалија. Причина за тоа е што Белгија е речиси единствена европска земја, која дозволува т.н. пре-имплантациона дијагностика. Со помош на оваа техника лекарот ја испитува вештачки оплодената јајце клетка дали постојат некакви дефекти, пред да ја всади кај пациентката.
Притоа белгиските лекари практично од сите клетки ги избираат најпогодните. Научничката од областа на генетиката Ингеборг Либерс вели:
„Се разбира дека ги селектираме ембрионите, но тоа го правиме за да не дојде до генетско пренесување на потешки заболувања врз детето. Ние секако можеме да го одредиме и полот, многу луѓе го бараат тоа од нас, но ние сме против такво нешто. Конечно, ниту едниот пол, ниту другиот не се некаква болест. Јас работам на тоа да одбегнам тешки заболувања, а не да правам деца по желба. „
Секојдневно се спроведуваат најмногу две вештачки оплодувања
Само од Германија еднаш неделно доаѓа најмалку едно семејство во Брисел. Луѓето што бараат помош најчесто имаат тешко генетско заболување во семејството и не сакаат да им го пренесат на децата.
Во Белгија законите околу темата вештачко оплодување се многу полиберални отколку во другите земји во Европа. Во последниве години се отворија голем број клиники за парови кои не можат да имаат деца. Неодамна во универзитетот во фламанскиот град Лувен се отвори центар за истражувањ и лекување на стерилитетот. Понудата на центарот е голема. Томас ДеХоге, раководител на одделот за вештачко оплодување вели:
„Овде нудиме буквално се’ што би можело да ги исполни желбите на паровите за да добијат дете: вештачко оплодување во епрувета, диркетно вбризгување на сперма во јајце клетката на жената, како и сите форми на трет дарител. Под ова се подразбираат јајници, сперма и ембриони.„
Пред да се започне со оплодувањето се прават испитувања
Вештачко оплодување се прави само кај оние пациентки, кај кои е исклучена бременост по природен пат, објаснува ДР. ДеХоге. Интересот и потребата на луѓето од ден на ден се повеќе расте, вели тој:
„Од 2003 година па наваму нашите активности во клиниката се зголемија за три пати. Поголемиот број пациенти доаѓаат од Холандија и Германија, каде има најголеми ограничувања за вештачко оплодување. „
На универзитетската клиника Лувен, каде се негува традиционалното католичко верување, им се помага на парови, што се составени од маж и жена, додека во останатите центри, како оној во Брисел, помош добиваат и самохраните жени и лезбејки.
За многумина Белгија е последна надеж за добивање деца
За третманот пациентите мора сами да платат. Комплетниот третман на вештачко оплодување заедно со претходните испитувања чини 6.200 евра. Томас Де Хоге предупредува од комерцијализирање и понудувачи на црно.
„Луѓето што не можат да добијат деца, најчесто се очајни и разочарани. Тие се информираат на интернет и го земаат тоа што им се нуди. Тука навистина постои огромен ризик. Потребна е поголема контрола во оваа област. Во моментов бараме партнерски центри низ цела Европа, кои доброволно ќе се придржуваат до некои одредени стандарди на квалитет. Тоа е првиот чекор за подобра контрола на квалитетот во сите земји на Европа. „