Белгиецот Рикеман триумфираше на Охридскиот пливачки маратон
24 август 2014Брајан Рикеман од Белгија е победник на годинaшното 28-мо издание на Охридскиот пливачки маратон, што се плива во рамки на Гран-при серијата на Светската пливачка федерација (ФИНА).
Рикеман патеката „Климе Савин“, долга 30 километри, ја исплива за 5 часа, 41 минута и 47 секунди. Успеа во жестоко темпо и драматичен финиш да триумфира пред останатите пет пливачи со кои во група речиси истовремено ја мина последната контролна точка кај Канео.
Втор целта кај Градското пристаниште во Охрид со безмалку една секунда задоцнување ја мина Македонецот Евгениј Поп Ацев, додека третопласиран е Французинот Јоанес Едел.
Поп Ацев по трката изјави дека се обидувал да финишира и да победи во Охрид, но е презадоволен и од второто место.
„Тоа беше и повеќе од најоптимистичките мои очекувања дека ќе дојдам во второто место. Веќе почнувам да разислувам за следната сезона, се надевам дека доколку сѐ биде во ред, можеби ќе атакувам на победа во севкупниот пласман“, рече Поп Ацев.
Во женска конкуренција најбрза беше Силие Рибарова од Чешката Република, водечка и во генералниот пласман. Таа во исто така драматичен финиш за дел од секундата мина низ целта пред аргентинката Пилар Геихо. Третото место кај маратонките и‘ припадна на Ана Манкевич од Русија.
Ловоровиот венец на победниците им ги врачи претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, кој е покровител на ова меѓународна спортска манифестација.
Последниот маратон од годинашната Гран-при серија ќе се плива на 7. септември на патеката Капри-Неапол, долга 36 километри.