„Безграничен прием на бегалци не е можен“
15 февруари 2016ДВ: Заканата на Австрија за затворање на границата е остро критикувана од страна на јужните соседи. Тие држави предупредуваат од домино-ефект. Што им нудите на овие земји?
Себастијан Курц: Прво, со сите овие земји имаме интензивен контакт. Сфаќам дека тоа е предизвик за сите земји долж рутата. Досега овие земји беа само транзитни, што значи главна задача беше бегалците да се пренесат најбрзо што е можно од една граница до друга. Тоа е значително помал предизвик од тоа да се биде земја-цел на бегалците. Тоа го знаеме многу добро, зашто Австрија досега беше и двете: и земја-цел и транзитна земја истовремено. Со драго срце прифаќаме совети од секого кој прави многу повеќе од она што ние го правиме. Проблемот е што во Европа има само една земја која прими повеќе бегалци по глава на жител отколку ние, а тоа е Шведска. Словенија минатата година прими 1000 луѓе, нашите чешки соседи примија уште помалку, Србија не прими речиси никого кој доставил барање за азил, во Хрватска имаше мислам неколку стотици, а во Австрија 90.000. Јас се обидувам да најдам разбирање за тоа дека ние не можевме да примиме ниту 90.000 и дека едноставно моравме да воведеме максимална граница. А, тоа се 37.500 луѓе кои сме подготвени да ги примиме во 2016 година, што е многу повеќе од сите земји долж рутата заедно. Истовремено, со земјите сме во интензивен контакт, зашто акциите мора да се одвиваат координирано. Ако не се најде европско решение, тогаш не ни останува друга опција освен да го ограничиме приливот на луѓе во Австрија.
Земјите се прогласени за сигурни земји на потекло. Истовремено, многу претставници на земјите од Западен Балкан изразуваат загриженост дека европската перспектива е сѐ подалеку. Не треба ли да се направи повеќе за земјите да бидат побрзо и подобро интегрирани?
Се надевам дека европската перспектива не станува сѐ подалечна. Напротив, Австрија прави сѐ за да им даде поддршка на земјите на нивниот пат кон ЕУ. Мислам дека секој кој го познава регионот знае дека основа за мир и безбедност во регионот е европската сигурност. Ако нема европска перспектива, тоа ќе има негативен одраз на регионот. А, Германија, Австрија, ние, земјите од Централна Европа, ќе бидеме тие што од тоа најмногу ќе страдаат.
Земјите од Вишеградската група бараат затворање на границите сѐ до Македонија. Што мислите за овој предлог?
Ние сме во интензивен контакт со земјите од Вишеградската група. Мислам дека долго се боревме за европско решение, но не сите обиди во таа насока функционираа. Оттука, потребен е нов обид и според мое мислење редуцирањето на бегалските бранови долж Балканската рута ќе има позитивен ефект за да дојдеме до европско решение. Зашто тоа, од една страна, би бил сигнал за криумчарите, за бегалците, но пред сѐ за економските бегалци, дека за Европа тоа е премногу и дека не можеме да ги примиме сите, што значи на пат ќе тргнуваат помалку луѓе. Од друга страна, цврсто сум убеден дека би се зголемила подготвеноста на Грција да ѝ се помогне. Работите наеднаш би се промениле доколку Грција не би била само транзитна земја, во која бегалците се задржуваат помалку од 24 часа, туку кога таа би ставила до знаење дека рутата до Централна Европа не се поминува туку така, без проблеми, како што беше случај минатата година.
Сакате да ја поместите нагоре Шенгенската граница. Но, дали наместо да ѝ помогнете на Грција, на тој начин не би избил нов конфликт со нејзе?
Една година се обидувавме да ѝ даваме поддршка на Грција. Имаше многу понуди од страна на ЕУ кои не беа прифатени. Беа правени безброј обиди. Ако сега одеднаш се најде решение, јас сум првиот кој ќе аплаудира и ќе се радува заедно со другите. Но, сѐ додека нема големи решенија, не можеме да чекаме да се дојде до целосно преоптоварување на Австрија и другите земји, туку мора да преземеме национални мерки. Не сакаме, но мораме тоа да го сториме. А, од друга страна, подобро е мерките што се преземаат да не бидат само национални, туку да бидат усогласени со регионот. Затоа, не само ние, туку и земјите од Вишеградската група се во интензивен контакт со земјите долж Балканската рута за добро усогласени да постигнеме редуцирање на бегалските бранови. Безграничен прием на бегалци во Европа не е можен. Според мое мислење, значително поодржливо решение е ако се помогне на лице место. На примерот на Шведска видовме што се случува кога една земја ќе се преоптовари. Шведска отсекогаш беше предводник во развојната соработка, а сега мораше да ги крати средствата за развојна соработка за парите да ги пренасочи за сместување на бегалците во Шведска. Со парите за издржување на еден бегалец во Шведска, таа земја можеше да згрижи 30 до 40 бегалци во регионот. Оттука, мора да се откажеме од политиката на безграничен прием на бегалци и да тргнеме во насока на намалување на нивниот број.
Себастијан Курц е министер за надворешни работи на Австрија од декември 2013 година
Интервјуто, заедно со ЗДФ, го водеше новинарката на ДВ Аделхајд Фајлке на маргините на Минхенската безбедносна конференција