1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Безбедноста во сопствени раце

1 јули 2011

Почнува официјалното повлекување на американските трупи од Авганистан. Постепеното напуштање на земјата треба да заврши во 2014 година, кога авганистанските сили треба сами да ја преземат одговорноста за безбедноста.

https://p.dw.com/p/11n6p
Авганистанска полицијаФотографија: AP

„Да, ќе успееме“ - со тој слоган авганистанската влада веќе неколку месеци оди од провинција до провинција. Кабул сака да демонстрира сила и самодоверба. Сега, кога процесот на предавање на одговорноста и официјално започна, никој не смее да се посомнева во одлучноста на авганистанската полиција и армија. „Одлично сме подготвени“, вели портпаролот на авганистанското министерство за внатрешни работи Седик Седики. Авганистанските безбедносни сили веќе одамна ги докажаа своите способности, на пример во главниот град Кабул, каде пробно веќе ја имаат преземено одговорноста, вели тој: „Во Кабул Авганистанците веќе две години сами се грижат за безбедноста. Меѓународните трупи се тука, но реагираат само во итни случаи.“

Obama Soldaten Abzug aus Afghanistan
Американските трупи се повлекуваат од ХиндукушФотографија: picture alliance/dpa

Трупите ИСАФ и натаму ќе бидат присутни во областите, кои ќе бидат под раководство на Авганистанците, истакнува Седики. Тука спаѓаат и регионите, во кои командата од денеска (1. јули) ќе им биде предадена на авганистанските безбедносни сили, односно најмирните региони, нагласува Седики.

NO FLASH Afghanische Polizisten
Авганистанска полицијаФотографија: AP

Сепак, кај други локални политичари, далеку од Кабул, постои загриженост за стабилноста на земјата по заминувањето на странските сили. Мухамед Асеф Мубалег, заменик-гувернер на провинцијата Бамијан, е скептичен околу плановите на централната влада: „Нашата безбедност зависи од состојбата во соседните провинции. Доколку полицијата и армијата во цел Авганистан не се зајакне, не можеме да ја гарантираме ниту безбедноста во Бамијан.“

Несигурноста е присутна и натаму

Експертот по политички прашања, Квајум Моманд, од Авганистанскиот институт за истражување и развој во Кабул, укажува на уште еден, според него многу поголем проблем - владата ја крие вистината во однос на талибанците: „Владата вели дека талибанците значително загубиле на моќ, меѓутоа вистината е токму спротивното. Сведоци сме дека талибанците не се присутни само во јужниот и источниот дел на земјата, туку имаат силна позиција и на северот.“

Тоа само уште повеќе ја зголемува несигурноста кај авганистанскиот народ. Многумина се прашуваат дали процесот на предавање на одговорноста за безбедноста почнува затоа што владата во Кабул е навистина подготвена за тоа, или затоа што меѓународните сили, по десет години, веќе не сакаат да се занимаваат со нивната земја? Убедлив одговор на тоа прашање се` уште немаат добиено.

Автор: Ратбил Шамел/ Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска