Без договор за спроведување на одлуката „Сејдиќ и Финци“
18 јануари 2014Претседателите на највлијателните политички партии во Босна и Херцеговина повеќе пати во текот на ноќта беа многу блиску до постигнување конечен договор за спроведување на одлуката „Сејдиќ и Финци против БиХ“, но претставниците на партиите од Федерацијата БиХ не ги надминаа разликите околу изборот на членовите на Претседателството на БиХ. Спорно беше одредувањето на изборните подрачја во Федерацијата Босна и Херцеговина. Преговорите во седиштето на Делегацијата на Европската унија во БиХ траеја повеќе од 13 часови, во присуство на комесарот за проширување на ЕУ Штефан Филе.
„Имаше повеќе обиди да најдеме компромиси околу сите теми, примарно околу изборот на членовите на Претседателството на БиХ. Стравувам дека некој сѐ уште верува дека може на другиот да му ги бира членовите на Претседателството. Одамна рековме дека тоа повеќе нема да може и обидот да најдеме компромис и овојпат не успеа“, рече по преговорите лидерот на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) БиХ, Драган Човиќ.
Лагумџија: „Имавме проблем кој се вика Драган Човиќ“
„Мислам дека овде имавме еден проблем кој се вика Драган Човиќ, кој овде очигледно дојде со намера да не се постигне никакво решение. Секогаш кога бевме блиску до компромис и кога постигнавме компромис, се покажуваше дека г-дин Човиќ има уште барања. За жал, 18 години по Дејтон сѐ уште сме заглавени и стоиме во место, но некои работи едноставно нема да може да се спроведат, макар сѐ и да остане вака, сѐ додека наместо нас не дојдат некои подобри и попаменти, а такви, фала богу, оваа земја има многу“, рече претседателот на Социјадемократската партија (СДП) БиХ, Златко Лагумџија.
„Подобри и попаметни“ би можеле да ја заменат актуелната владејачка елита веќе на октомвриските општи избори годинава, под услов ЕУ да ги признае нивните резултати, со оглед на фактот што Уставот на земјата сѐ уште ги дискриминира претставниците на националните малцинства, кои не можат да бидат бирани во Претседателството и Домот на народите на БиХ. Токму затоа претставниците на Евреите и Ромите во БиХ, Јакоб Финци и Дерво Сејдиќ пред судот во Стразбур ја тужеа Босна и Херцеговина. Спроведувањето на одлуката на Европскиот суд за човекови прва би ја елиминирало дискриминаторската одредба од босанско-херцеговскиот устав.
Сите релевантни политички фактори во БиХ се согласуваат дека на претставниците на „останатите“ треба да им се овозможи право да бидат бирани во највисоките институции на власта. „Проблемот е во тоа што сите имаат некои дополнителни барања“, рече претставникот на еврејската заедница на БиХ, Јакоб Финци. Очигледно е дека едно од таквите барања се однесува и на решение на т.н. хрватско прашање во БиХ. Политичките претставници на босанските Хрвати инсистираа на дефинирање на две изборни подрачја во Федерацијата БиХ, еден со мнозинско бошњачко и друг со мнозинско хрватско изборно тело, „за да би се избегнала можноста еден народ на другиот да му го бира членот на Претседателството на БиХ“.
Бошњачките лидери сметаат дека таквата поделба на Федерацијата претставува дополнително „делење на државата“, така што ниту овој состанок не ги донесе посакуваните резултати. „Претставниците на Хрватите бараат во Уставот на БиХ да се вгради механизам од две изборни подрачја во Федерацијата, што на некој начин им пречи на Бошњаците“, рече претседателот на Сојузот на независни социјадемократи (СНСД) Милорад Додик. Тој потсети дека од порано е дефинирано дека Република Српска е една изборна единица од која директно се бира еден член на Претседателството на БиХ. „Оттука на овој состанок присуствуваме само колегијално“, рече Додик.
„Општиот и државен интерес треба да се стави над партискиот. Сѐ уште не сме блиску до тоа, но мислам дека ќе дојде тој ден“, рече по разговорите претседателот на ХДЗ 1990 Мартин Рагуж. Лидерот на Сојузот за подобра иднина на БиХ Фахрудин Радончиќ рече дека наместо решавање на одлуката „Сејдиќ и Финци“ почнале да се решаваат „многу потешки и сериозни прашања“. Потпретседателот на Партијата за демократска акција Бакир Изетбеговиќ очекувал дека европскиот комесар Филе „разговорите ќе ги насочи кон она што е суштина на пресудата 'Сејдиќ и Финци'“. Наредниот состанок на политичките лидери би можел да биде одржан за три недели.