Без амин од Дизни, нема градење во Вал Д’Еуроп
20 август 2012Празни улици, високи ѕидови зад кои живеат луѓе. Вал Д’Еуроп е американски „сателитски град“ во средиштето на Франција. Кој живее овде? Околу 15 илјади работници во Волт Дизни, вработени во блискиот забавен парк.
Франк и Виторина Хетертон заедно работат таму. Тишината била само една причина зошто се населиле тука.
„Купивме тука куќа, бидејќи ни се допаѓа овој регион, но исто така и поради стратешки причини. Откако дојдовме овде во 1998-та година, зголемувањето на цените беше поголемо отколку во остатокот од Франција, на пример во околината на Париз. Ја купивме куќава за од тоа да профитираме“, вели Франк Хетертон, вработен во „Евро Дизни“ Франција .
При основањето на забавниот парк пред 20 години концернот Дизни си осигура далекусежни права на одлучување во градежните проекти во регионот. Французите се согласија, бидејќи тие безусловно сакаа да го донесат Дизни во земјата.
Кој од поранешните жители на селото се противел и не сакал да го продаде земјиштето, тоа му било одземено. Сестрите Кињо пред експропријацијата го продале имотот.
„Срцето ни се кинеше. Тоа беше како некој да ни го одзема минатото“, објаснува Женевјев Кињо.
Сестрите се тешеле себе си со добрата цена која тогаш ја постигнале, но и со тоа што на нивниот поранешен имот е изградена убава библиотека.
Цената на земјиштето расте
Во меѓувреме градежното земјиште во Вал Д’Еуроп чини многу повеќе. А, оној кој денес тука купува, има пари. Од старото село не е останато многу. Она што е останато има музејски карактер. Градоначалникот нуди разгледувања низ Вал Д’Еуроп и гордо се осврнува на напредоците.
„Кога бев мал тука уште ги водеа кравите, а зад црквата беше пасиштето. Пред 20 години имавме само 800 жители, а сега ги има десетпати повеќе. А, сега сме на половина од нашите градежни планови“, вели Денис Гајаудон, градоначалник на дистриктот Вал Д’Еуроп.
Овде се гради до каде што стасува погледот. Се градат станови и пред се’ хотели за бројните туристи во Дизниленд. Сега богатата општина направи и спортска сала.
„Во нашата општина имаме многу јавни објекти. Тоа не е случајност. Ние тоа можеме да си го дозволиме благодарејќи на економскиот развој во регионот“, објаснува Денис Гајаудон, градоначалник на дистриктот Вал Д’Еуроп.
Главен е зборот на Дизни
Цената за тоа е што Дизни има право да соодлучува. Без оглед дали се работи за ветерница на училишниот покрив или за бездомниците на клупите во паркот – многу работи не му одговараат на концернот. Посетителите на Дизниленд и околните општини требаат да забележат што е можно помалку од француската реалност.
„Ние во Дизни си го поставуваме секогаш истото прашање – какво е искуството на гостите? Тоа е глобално искуство и започнува со исклучувањето од автопатот. Оттаму тие се во нашиот свет. Исто така е значајно и оваа околина целосно да ја контролираме, а не само забавниот парк“, вели Франсис Борезе, вработен на раководна позиција во„Евро Дизни“ Франција.
Резултатот е - реконструирани селски улици и имитација на париски булевари. Семејството Бернард се згрозува од светот на Дизни и затоа живее надвор од енклавата. Тие се лутат, затоа што Вал Д’ Еуроп се шири се‘ поблиску до нив и што нивен сосед станува еден вид град на играчки.
„Дизни едноставно презема архитектонски модели, кои им се чинат познати на луѓето, и ги става куќите во средина на полиња со репка. Тоа навистина е смешно. Типична париска архитектура во сред полиња. Тоа е неверојатно“, вели госпоѓата Мартин Бернард.
Бернардови не еднаш размислувале да се отселат од регионот.
„Односите меѓу луѓето се многу тешки. Ги познаваме голем дел од луѓето со години. Но, тука не се создаваат пријателства. Се‘ останува на површно ниво“, раскажува сопругот и татко Оливие Бернард.
Спротивност на францускиот начин на живот
Ширењето на населбите Дизни се’ почесто наидува на критика. Експертите се сомневаат дали воопшто дизниевата филозофија на живеење одговара на модерна Франција.
А, свештеникот во Вал Д’Еуроп се обидува со настани на отворено да донесе малку живот на улиците. И нему му пречи стерилната средина. Но, навистина гласно тој не може тоа да го каже.
„Сакаме да изградиме нова црква за жителите и туристите, а исто така и конференциски центар. Проектот зависи од согласноста на концернот Дизни“, со разочарано лице раскажува Жан Франсоа Брард, свештеник во Вал Д’Еуроп.
Овде во Вал Д’ Еуроп сите се зависни од Дизни. Градоначалникот смета дека неговата општина направила добра зделка. Но, француската душа на општината е жртвувана.