Бегство од градот Газа
20 јули 2014При копнената офанзива во Појасот Газа израелските трупи со тенкови масовно стрелаа врз градот Газа. Илјадници Палестинци се во бегство, посебно од источната населба Шеџаија. Палестинските спасувачки сили говорат и за ракетни напади од воздух. На улиците лежеле мртви тела и повредени лица. Болничките возила не можеле да се пробијат до погодената област.
Според податоци на палестинските власти во оваа населба биле убиени најмалку 20 лица. Израелската армија соопшти дека биле испратени дополнителни војници во Појасот Газа.
Борби беснееа и околу тунелот на радикално-исламистичкиот Хамас во Појасот Газа. Во борбите загинале голем број Палестинци. Животот го загубиле и двајца израелски војници. Досега биле пронајдени 14 тунели и 36 влезни пунктови, изјави портпаролот на израелската војска Петер Лернер. Тие прво ќе биле темелно испитани, по што би биле уништени. „Некои од тунелите се всушност бункери“, рече Лернер. Таму било складирано и големо количество оружје.
Според портпаролот на војската, ракетните напади против Израел заслабнале по почетокот на копнената офанзива. Радикално-исламистичкиот Хамас и натаму располага со преку 5000 ракети со различен дострел, рече Лернер.
Израелската офанзива во Појасот Газа ја влоши и онака тешката хуманитарна состојба во Појасот Газа. Палестинските лекари се жалат за недостиг на лекарства и опрема за третман на многуте жртви.
Посредство во Катар
Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун денеска патува за Катар. Таму тој со претседателот на Палестинците Махмуд Абас ќе разговара за прекин на огнот. По разговорот Абас, во пустинската држава треба да се сретне и со водачот на Хамас, Калед Мешаал.
Досега пропаднаа сите меѓународни напори за положување на оружјето во регионот. Последно францускиот министер за надворешни работи Лорен Фабиус се обиде да посредува. По разговорот со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, Фабиус изјави: „За жал морам да објавам, дека барањето за прекин на огнот не беше слушнато“. Многу повеќе постои опасност, да бидат убиени уште повеќе цивили, гласи констатацијата.