Бегалците ја избегнуваат БиХ
28 септември 2015Во случај на целосно затворање на границите на Европска унија, БиХ и Србија можат да станат некој вид на „собирни центри“ за бегалци од Блискиот Исток, вели Изет Низам, заменик директор на Одделението за работа со странци во БиХ. „Унгарија ги затвори своите граници, Хрватска најави таква можност, Словенија се придржува до ’Шенген’ не дозволувајќи влез во земјата без шенгенска виза, додека Германија привремено го ’напушти’ шенгенскиот договор. Следствено на тоа, може да дојде до затворање на комплетната граница на ЕУ. Голем број на бегалци, кои сега се наоѓаат во Србија можат преку БиХ да тргнат кон крајните дестинации во Западна Европа“, вели Низам за ДВ.
Тој тврди дека БиХ во рамките на своите можности се подготвува за пристигнување на бегалците. „Пристигнувањето на поголем број на бегалци во БиХ ќе влијае врз економијата на оваа земја, демографската слика, но и на безбедносната ситуација. Наши оперативни сознанија укажуваат на можноста за промена на бегалската рута, и ако бегалската криза ја погоди и БиХ, тогаш мора да бидеме подготвени за дејствување. Нема да дозволиме овде некој да гладува, односно на сите ќе им биде пружена хуманитарна помош. Не смееме да заборавиме дека многу Босанци пред, дваесет, триесет години и самите беа бегалци, и дека некој и нам ни’ помагаше“, вели Низам.
Ќе се покажат сите маани на институциите
Среќко Латал, политички аналитичар, вели дека политичките институции во БиХ, пред се’ Министерството за безбедност „доста добро се однесуваа во услови на растечка бегалска криза на Балканот“. „Меѓутоа, сигурно е дека, доколку дојде до масовно пристигнување на бегалците во БиХ, оваа земја ќе биде во тешка позиција, пред се’ затоа што нема силни и централизирани институции ниту има инфраструктурни и економски капацитети да поднесе голем број на бегалци. Она што може да го реши прашањето за бегалците е европски договор за квотите за нивно распоредување по државите на ЕУ“, вели Латал за ДВ.
„Во БиХ најмногу се размислува за тоа како пристигнувањето на поголем број на бегалци во оваа земја ќе влијае на безбедносната ситуација. Она што и пред бегалската криза може да се воочи е дека одредени институции во БиХ меѓусебно се скарани. Нема соодветни координации меѓу правосудните институции во БиХ, полициските агенции и агенцијата за истражување и следење. Во таква ситуација, каде покрај хуманитарното згрижување на поголем број на лица на прво место е и безбедноста, тоа може да биде голем проблем за БиХ“, предупредува Латал.
„Никој не сака да остане во земја од која би побегнало половина население“
За бегалците од Блиски Исток кои бараат прибежиште во земјите од Западна Европа разговаравме и со граѓаните на Сараево. Е.Џ. смета дека пристигнувањето на поголем број на бегалци во БиХ ќе биде „голем тест за институциите во БиХ, но и за граѓаните“. „На бегалците треба да им се помогне, треба да им се даде прибежиште. Ние во БиХ најдобро знаеме како им е“, изјави соговорник, кој сакаше да остане анонимен.
М.К. не верува дека бегалците ќе тргнат кон БиХ бидејќи „постои логистика која им дава информации за најдобри, најкратки и најбезбедни рути“. „Преку БиХ е најдолгата, најтешката и најнебезбедна рута, што поради мински полиња, што поради природни граници кои речиси се непроодни. Ако сепак дојдат, мораме да им пружиме се’ со што сме обврзани со меѓународните регулативи и не треба да ги спречуваме да одат понатаму, бидејќи на никој од нив не му е целта да остане во земја од која, да може, ќе побегне половина сегашно населелние“, истакнува М.К.
Ограничени капацитети на БиХ
БиХ кон бегалците треба да се постави онака како што во деведесетите години на минатиот век се поставија другите земји кон нашите граѓани кои бегаа од ужасите на војната, верува С.Ј. „Мислам дека БиХ треба на сите да ги отвори вратите. Граѓаните на БиХ досега многупати покажаа дека туѓата неволја не ги остава рамнодушни и дека со несреќните споделуваат се’ што имаат. Уверена сум дека тоа ќе го направат и кога ќе станува збор за бегалците од Блиски Исток, без оглед на тоа како ќе реагира државата. Впрочем, тоа го покажавме и со испраќање помош на Србија за згрижување на бегалците во таа земја“, вели С.Ј.
Капацитетите на БиХ за прифаќање и за згрижување на бегалците се ограничени. Оваа земја, според тврдењата на надлежните, може да прими 5.000 бегалци. „Ако во БиХ влезат повеќе од 5.000 лица, и ако притоа нема прооден коридор за нивно заминување во земјите на Западна Европа, тогаш мора да ја затвориме границата“, изјави неодамна Драган Мектиќ, министер за безбедност на БиХ. Според него, најверојатно бегалските рути преку БиХ би воделе преку североистокот на земјата, односно преку границата во близина на Бјелина.