1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бегалците ја заобиколуваат Хрватска

Игор Ласиќ / Е. М. Фиданоска31 октомври 2014

Соочувањето на хрватската држава и општество со проблемот на барателите на азил најмногу искушенија бележи од моментот на нужна интеграција на заштитените странци во пошироката домашна заедница.

https://p.dw.com/p/1DetP
Фотографија: picture-alliance/dpa

Влезот во ЕУ минатата година за Хрватска беше преломен момент и кога станува збор за политиката кон азилантите и бегалците. Земјата, имено, е на границата на Унијата и со тоа е потенцијално повеќе изложена на бранот очајници кои бегаат од војните и сиромаштијата во Азија и Африка. Сепак, статистиките во меѓувреме покажуваат донекаде парадоксален ефект - бројот на барања за азил во првите девет месеци од годинава во Хрватска падна од 896 на 314 споредено со истиот период лани. Исто така, забележан е и пад на нелегално минување на границата и тоа за 37%.

Ваквиот тренд се објаснува со два важни момента. Прво, во сила стапи т.н. Даблинска уредба, со која е пропишано барателот на азил да може да го поднесе барањето само во првата земја членка на ЕУ во која се затекнал. Со оглед на тоа што пазарот на труд во Хрватска ниту одблизу не е толку голем како некои западноевропски пазари на работа, бегалците очигледно се‘ повеќе ја избегнуваат Хрватска. Второ, хрватските погранични служби со влезот во ЕУ добија значајно количество софистицирана опрема за пресретнување илегални мигранти. Конечниот исход гласи - само 129 одобрени барања за азил и за супсидијарна заштита годинава.

Образованието е најголема болка

Загрепскиот Центар за мировни студии (ЦМС) и филмско-продуцентскиот колектив „Fade in“ на почетокот на неделава организираа работилница за улогата на медиумите во интеграцијата на бегалците во хрватското општество. Тема беа различни критични точки од интеграцискиот процес во Хрватска. Од разговорот со Јулија Крањец од ЦМС, ДВ дојде до податок дека проблемите со кои се сочуваат бегалците се присутни во речиси сите подрачја на нивниот живот - од образование, домување, вработување, здравство, се‘ до контакти со пошироката заедница и соочувањето со ксенофобија.

Frau Julia Kranjec
Јулија КрањецФотографија: DW/I.Lasic

„Се‘ уште, на пример, нема професионален курс за јазик за бегалците, којшто би им бил бесплатен. Тие луѓе остануваат на маргините, во круг на исклученост и сиромаштија“, вели Крањец.

Иако Хрватска ниту по 10 години од стапувањен на Законот за азил нема политика за интеграција, од годинава се спроведува Акционен план за отстранување на препреките во остварувањето на одделни права во сферата на интеграција на странците. Инаку, во земјата во последно време прибежиште добиваат луѓе од Сомалија и Сирија, а во претходните години од Авганистан, Ирак, Турција и.т.н.

„Изработката на Акционен план е значаен чекор во развојот на системско вклучување на бегалците и странците во хрватското општество, па во наредниот период очекуваме евалуација на ефектите од спроведените мерки, натамошно унапредување врз основа на потребите на бегалците и странците и поактивно вклучување на сите релевантни институции“, нагласува Крањец.

Најзначајните детектирани проблеми одделно се однесуваат на ресорот Министерството за образование, односно недостатоците на образовниот систем, кој е клучен за сузбивање на расизмот и за учење на прифаќањето на поинаквите.

Поука од војната

Јосип Крегар од Правниот факултет во Загреб, кој меѓу другото предава и за човековите права, е добар познавач на оваа материја и на актуелните прилики во Хрватска. „Статистиките покажуваат дека не сме ветена земја за барателите на азил, но не затоа што сме мали или што сме во криза. Без оглед на вртоглавиот пораст на бројот на баратели на азил до лани, не ги подобривме условите за нивен прием“, оценува Крегар за ДВ. „Често се повторува тезата дека во Татковинската војна сме биле заборавени, препуштени сами на себе. Тоа лесно го демантираат податоците за бројот на наши азиланти во тоа време и за несебичната политика на многу земји, па и материјална помош“, вели Крегар и додава дека Хрватска не би требало да враќа услуги или да биде милостива, туку едноставно треба да го почитува правото на азил на оние кои се во неволја. Не е доволно само да им се даде храна и сместување, ним им е потребно се‘ она што ние потребно и нам, заклучува Крегар.

Kregar
Јосип КрегарФотографија: DW