1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бегалците од Хрватска - граѓани на ЕУ?!

Марина Комад/ Александра Трајковска26 мај 2013

Границата меѓу Хрватска и Србија наскоро ќе биде граница на ЕУ. Во Србија остануваат да живеат многумина од оние кои во 90-тите живееја во Хрватска. Таму се'уште има луѓе - бегалци, кои живеат во колективни центри.

https://p.dw.com/p/18eBt
Фотографија: DW/M. Komad

Мирјана Грујиќ од Западна Славонија веќе 18 години живее во колективниот бегалски центар Крњача крај Белград (на насловната фотографија). Тука го запозна и својот сопруг и формираше семејство. За два месеца таа и нејзиното семејство ќе се преселат во еден од 80-те станови кои им ги обезбеди фондацијата „Дивац“ и Високиот комесаријат за бегалци на Обединеите нации (УНХЦР).

„Кога избегавме важно беше да се спаси глава. А потоа човек се навикнува“, раскажува Мирјана. Нејзиниот син Зоран е роден во колективниот центар. Тоа е единствениот свет, кој тој го познава и не се радува што го напушта.

Страв од напуштање на колективниот центар

Деветгодишниот Зоран не е единствениот жител на центарот кој не сака да се пресели. Многумина ќе одбијат стан стравувајќи дека нема да преживеат доколку го напуштат местото во кое државата им ги финансира сите животни потреби. Актерот од Лика Раде Белиќ, со години станар во центарот во Крњача е еден од нив. Покажува на куферите во својата барака кои чекаат да бидат спакувани оној ден кога државата ќе му понуди не само стан, туку ќе му овозможи и нормален живот.

Serbische Flüchtlinge aus Kroatien in Krnjaca bei Belgrad
Раде БелиќФотографија: DW/M. Komad

„Таквото решение стигна доцна. Јас немам приходи од каде би можел тоа да го плаќам. Зар тие мислат дека со 6.000 динари може да се живее цел месец? Додека да ги исплатам режиските трошоци, нема да ми остане ниту за лекови. А од меѓународна комисија имам потврда за општа неспособност за работење и тие се свесни за тоа“, вели Раде.

Тој инаку има стан во Загреб и три селски имоти. Но новиот хрватски закон за домување предвидува бегалците по 20 години да мора да се одлучат за една лична карта. Оние лица кои повеќе немаат дом во Хрватска не можат да добијат хрватска лична карта, а доколку ја немаат ќе мораат да плаќаат дополнителен данок на имот во Хрватска. Раде вели, дека доколку поради новиот закон би морал да плаќа данок за својот имот во Хрваска, ќе одбие да плати се' додека Република Хрватска нему не му плати отштета што имотот кој не му е обработуван 20 години и додека куќите на имотите, кои одамна се само рушевини обраснати со коров, не бидат обновени.

Се' помалку повратници

Сликарот од Ријека Ѓуро Маодуш, исто така станар во колективниот центар во Крњача вели дека не бил доволно информиран и дека не знае како влезот на Хрватска во ЕУ ќе се одрази врз нерешеното прашање за неговиот стан во Ријека: „Мојот стан го зема еден Хрват. Тој го изнајмуваше мојот стан. Тоа е малку трагично. Барем да влезеше некој кој нема стан, туку влезе некој кој веќе има стан, а мојот го изнајмуваше...“

Serbische Flüchtlinge aus Kroatien in Krnjaca bei Belgrad
Куферите на Раде чекаат да бидат спакуваниФотографија: DW/M. Komad

Според податоците од Комесаријатот за бегалци, во Србија се' уште се регистрирани 66.407 лица со статус на бегалци. Околу 50.000 се од Хрватска; 1996. година имаше 618.000, а со текот на годините српско државјанство добија 250.000 од нив. Истовремено податоците на УНХЦР покажуваат дека оддржливо враќање во Хрватска оствариле 60.000 лица. Секоја година враќањето е со се' послаб интензитет, а само 38 проценти од лицата кои се враќаат во Хрватска остануваат да живеат таму.