Бегалци: мојот брат, смартфонот
29 август 2016Мохамад Калефех, роден во Алеп, израснат во Дамаск, веќе 14 месеци живее во Германија. Мохамад Гунаим, исто така од Дамаск, пристигна во Германија пред осум месеци. Овие двајца млади луѓе избегале од татковината Сирија поради војната. Бегале преку Турција, Средоземното море, Балканот - секогаш кон северот на Европа. Она што го доживеале на тој пат, опасен по живот, документирано е со фотографии и видео снимки.
„Мојот смартфон за време на бегството ми стана брат“, вели Гунаим. Тој и натаму го има истиот мобилен телефон кој го имал и тогаш и не сака да го менува. „Тоа е мојата мала канцеларија, сѐ средувам преку него“.
Кога Гунаим разговара со мајка му во Дамаск, слуша експлозии на бомби. Снимките со ѕвуците на експлозиите тој веднаш ги споделува на социјалните мрежи. Истото го стори и со снимките кои ги направи за време на бегството кон Европа. Тој смета дека тоа се пораки до Европејците, односно до Германците, на кои им покажува што им се случува на луѓето за време на бегството.
Непосредни сведоци
Бројни бегалци го снимаат својот пат кон Европа. Фејсбук, Твитер и Инстаграм станаа некој вид огласна табла, извори на информации. Дури и за новинарите, вели еден од нив - Миша Хојер од ДВ.
„Тоа се извештаи на непосредни сведоци“, наведува тој. Во светот има толку многу луѓе во бегство, на толку различни места, што класичните медиуми не можат да ги покријат сите тие случувања. Поради тоа ,следењето на она што се објавува на социјалните мрежи и за Дојче Веле стана еден од изворите на информации при пишувањето извештаи.
За тоа Хојер ги информираше присутните не подиумската дискусија водена во рамките на Денот на отворени врати на владата во Берлин. Дискусијата ја водеше заедно со колешката Маисун Мелхем, од редакцијата на арапски јазик на ДВ. Хојер говореше за тоа дека социјалните мрежи за време на бегалската криза станале "game changer" за известувањето, но и за многу други аспекти, односно дека ги „промениле работите“.
Колку ќе чини тоа?
А на кој друг начин бегалците би ги известувале своите роднини за она што им се случува? Како без социјалните мрежи тие би ги пронаоѓале патиштата кон Европа, кога рутите постојано се менуваа? Како ќе се организираа доброволците, кои во цела Германија работеа на прифаќање на бегалците? Како круимчарите на луѓе на друг начин би ги пронашле оние на кои им е потребен некој да ги префрли преку границата?
И Мохамад Каледех преку Фејсбук го пронашол криумчарот кој го префрлил од Турција на грчките острови: „Ми напиша порака дека ќе се состанеме во Измир и оти таму ќе ми каже колку чини сето тоа“, вели Калефех.
Од видео снимките и фотографиите на бегалците, Дојче Веле на почетокот на годинава направи документарен филм кој трае 90 минути и се нарекува „Моето бегство“ - #MyEscape. И Мохамад Гунаим соработуваше со свои снимки во изработката на филмот. „Тоа се снимки какви што нема да најдете ни во спектакуларните холивудски филмови“ , истакна новинарката Маисун Мехлем.