1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бегалска криза: „истенчени нерви“ на Балканот

З. Арбутина/С. Богданиќ/Ж.А.29 септември 2015

Бегалската криза натамошно ги оптовари и без тоа тешките односи меѓу соседите во Југоисточна Европа. Се блокираат гранични премини, се поставува жица. Кон тоа доаѓа и предизборната кампања.

https://p.dw.com/p/1GfTQ
Фотографија: DW/D. Gruhonjic

Толку жестоки тонови како во последните денови во Југоисточна Европа не се чуени уште од времето на југословенските војни. Бегалската криза ги „затру“ односите меѓу Србија, Хрватска и Унгарија. Хрватскиот премиер Зоран Милановиќ и српскиот, Александар Вучиќ, водат вистинска вербална војна, помогнати од медиумите во своите земји, кои на соседските политичари им делат етикети како „фашисти“ и „идиоти“, Унгарија поставува огради и жици за да спречи влегување на бегалците на своја територија, карајќи се истовремено со Загреб и Белград.

Владите се преоптоварени

Ова зовриено расположение во прва линија ја покажува преоптовареноста на владите од регионот од напливот бегалци, смета Сандро Кнежевиќ од Институтот за развој и меѓународна политика во Загреб. „Тие се наоѓаат под притисокот на реалноста, независно од својата политичка позиција. Ако човек веќе не може да ја контролира ситуацијата, а тие објективно не го можат тоа, тогаш е наједноставно да се нападне и обвини некој друг. Ова го прават сите овие влади“, вели Кнежевиќ во разговор за Дојче веле. „Кога веќе имаат мало влијание врз бегалската криза, сакаат барем со популистички мерки да покажат дека владеат со политиката во регионот.“

Притоа, овој регион и 20 години по крајот на југословенските војни се‘уште не успеа да се врати кон нормалитет, вели Александар Попов од српската невладина организација Центар за регионална политика од Нови Сад. „Потребна е само една искра и тензиите се повторно тука.“ Сите земји во Западен Балкан се наоѓаат во економска криза, невработеноста е голема, посебно меѓу младите луѓе. Политичките односи меѓу поранешните воени противници и натаму се кревки. „Во моментов бројни отворени прашања можат да се инструментализираат во внатрешнополитички цели, а тоа се случува секојдневно“, вели Попов.

Aleksandar Vucic Premier Serbien Zoran Milanovic Premier Kroatien
Александар Вучиќ и Зоран МилановиќФотографија: picture-alliance/PIXSELL/AA

Опасност за стопанството

Она што напротив во регионот и натаму функционира нормално, се економските односи. Уште во поранешна Југославија јужните републики беа важен пазар за пласман на стоките од Словенија и од Хрватска, тие и денес играат важна улога во овој поглед. Така на пример, словенечката бела техника, апарати за домаќинство, повторно е популарна во Хрватска или Србија, додека најголем дел од синџирот на маркети за прехранбени производи во Србија припаѓа на хрватска фирма. Годишно Хрватска во Србија продава стoки во вредност од околу 500 милиони евра.

„Претпријатијата веднаш почнаа да пресметуваат колку загубиле преку затворање на границите“, вели Попов. Во Србија досегашните штети се проценуваат на 10 до 15 милиони евра, и во Хрватска се зборува за енормни загуби. „Затоа, стопанството врши притисок врз политиката, за да ја принуди на разумно однесување и да спречи штета на сметка на своите граѓани“, смета српскиот експерт.

Kroatien Bapska Flüchtlingslager Erstaufnahmeeinrichtung
Фотографија: Reuters/A. Bronic

Наелектризирана атмосфера меѓу соседите

Сепак, може да се очекува тензиите сега засега да останат, верува Жарко Пуховски, политиколог од Загреб. Зашто, од еднaстрана, мора да се најде решение за бегалската криза, а тоа во ниедна од овие држави не е на повидок. Од другастрана, социјалдемократскиот хрватски премиер Милановиќ во актуелната изборна кампања се наоѓа под притисок на десните и националистичките сили“, укажува Пуховски. Затоа, Милановиќ се обидува да се профилира како патриот и поактивен политичар. А тоа во Хрватска функционира најдобро на сметка на Србија. Притоа, Хрватска како членка на ЕУ е во предност“, предупредува Пуховски.

Во меѓувреме, ситуацијата на викендот малку се смири. Преку српско-хрватската граница и натаму преминуваат 5.000 до 6.000 бегалци дневно. Во југоисточната периферија на ЕУ и натаму владее наелектризирана атмосфера. Хрватскиот премиер Милановиќ беше отворен: „Ако Србија не ја промени својата бегалска политика, границите повторно ќе бидат затворени, овојпат-херметички“. А во рватска новиот парламент ќе биде избран дури во ноември.