1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Бебешката револуција“ ги обединува ентитетите во БиХ

Александар Методијев/ап/миа11 јуни 2013

Илјадници Босанци се вклучија денеска во антивладините протести, што траат веќе втора недела, наречени „бебешка револуција“ или „бебилуција“. Протестите ги обединија етничките заедници во земјата.

https://p.dw.com/p/18nmk
Фотографија: DW/S. Huseinovic

Протестите во БиХ почнаа поради случајот со тримесечно бебе, кое заради недостиг од единствен матичен број (ЕМБ) не можеше да замине на лекување во странство. Невладините протести се чини дека ги надминуваат етничките граници и се чини дека создаваат чувство на хармонија, кое е ретко видливо во земјата.

Агенциите информираат за различен број на демностранти – од 5.000 до 10.000 етнички Срби, Бошњаци и Хрвати, кои денеска се собраа во Сараево и ги повикаа политичарите да почнат да си ја вршат работата и да престанат со етничките спорови. Бројот на демонстрантите денеска беше поголем од вчерашниот. „Сакаме промени“ и „Ова е почетокот на вашиот крај“ – беа дел од транспарентите кои ги носеа демонстрантите во Сараево.

Sarajevo - Demonstrationen gegen die zerstrittenen Politiker
Плакат со „Единствен затворски број“ за политичаритеФотографија: DW/S. Huseinovic

Демонстрациите почнаа во средината на минатата недела, кога гневни родители го опколија парламентот со барање законодавците да го донесат новиот закон за ЕМБ, што им е неопходен на граѓаните за да можат да добијат лични документи.

Во четвртокот околу 2.000 демонстранти го окупираа парламентот и соопштија дека никому нема да му дозволат да ја напушти зградата додека не се изгласа законот за ЕМБ. Во блокираната зграда освен пратениците имаше и 350 странски државјани, учесници на меѓународната банкарска конференција, кои беа евакуирани во петокот рано утрината.

Bosnien Sarajewo Protest Parlamentsgebäude 06.06.2013
„Бебешката револуција“ ја поттикна случајот на бебето БелминаФотографија: picture-alliance/AP

Законот за ЕМБ се одлага со месеци, затоа што партиите на босанските Срби инсистираат двете административни единици (Република Српска и Муслиманско- хрватската федерација) да имаат одделна граѓанска регистрација, а пратениците муслимани и Хрвати се за единствен систем за цела Босна и Херцеговина. Владата во меѓувреме понуди на граѓаните да им се издадат привремени лични документи, додека не се донесе новиот закон, но демонстрантите не го прифаќаат тоа и бараат итно донесување на новиот закон.

Непосреден повод за протестите беше случајот на тримесечното бебе Белмина, кое заради немање на 13-те бројки од ЕМБ не можеше да добие пасош и да се испрати на лекување во странство.