1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бајерн сака да биде број 1 - и во кошарка

С. Матиќ/Б. Георгиевски24 јули 2013

Бајерн Минхен е неприкосновен во германскиот фудбал, но раководството на клубот сака доминација во уште еден спорт- кошарката. По примерот на фудбалскиот брат, најдобрите играчи се носат и во кошаркарскиот тим.

https://p.dw.com/p/19D6Y
Фотографија: Reuters

Рецептот е веќе виден од фудбалските води. Кошаркарскиот клуб Бајерн само ја копира политиката на големиот фудбалски брат. А кога Бајерн ќе тргне во шопинг, националната конкуренција знае дека нема никакви шанси. Тоа е со децении воспоставена пракса во германскиот фудбал, а од ова лето и во кошарката.

По испаѓањето во полуфиналето на плеј-офот на кошаркарската Бундеслига, Баварците најавија „ситни“ корекции во тимот за новата сезона. Од најавата минаа само неколку недели, а тимот на Бајерн веќе не може да се препознае. На голема жал на конкуренцијата.

Веќе се купени најдобрите играчи на најголемиот ривал Алба од Берлин- Хајко Шафарцик и Нихад Ѓедовиќ. Од другиот голем конкурент, тимот на Бамберг, доаѓа Антон Гавела. Иако тој дресот на Бајерн ќе го облече дури следната сезона, трансферот, „за секој случај“ е обезбеден уште годинава.

Уште од почетокот на минатата сезона на клупата на Бајерн седна легендарниот Светислав Пешиќ, кој беше доведен на инсистирање на Ули Хенес.

Champions League 2012/13 Halbfinale FC Bayern München FC Barcelona Uli Hoeneß
Ули Хенес и Светислав ПешиќФотографија: picture-alliance/dpa

Јасно е дека Бајерн има големи амбиции да завладее и со кошарката, како што доминира со фудбалот. Со доаѓањето на најквалитетни играчи од домашното првенство, целта се насочува и кон Евролигата, најсилното европско клупско натпреварување.

Секако, амбициите на Бајерн не наидуваат само на одобрување. Михаел Стошек, директорот на актуелниот првак Бамберг на колегите од Минхен им префрла дека намерно ја заслабнуваат конкуренцијата. Својот клуб тој го споредува со Борусија Дортмунд, и вели дека и во иднина ќе му конкурира на богатиот ривал.

„Пожртвуваност, страст и млади играчи“, тоа е рецептот со кој Стошек сака да му се спротивстави на богаташот од Баварија. Но, тоа се зборови кои веќе сме ги слушнале во фудбалот. А таму Бајерн е во моментов без конкуренција.