1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Бајадерата“ - за македонскиот земјоделски извоз

Катерина Блажевска3 јули 2013

Првични проценки се дека по влезот на Хрватска во ЕУ македонскиот извоз ќе се зголеми за околу 2 отсто за периодот од 1 јули до 31 декември 2013, вели министерот за економија, Ваљон Сарачини.

https://p.dw.com/p/1913w
Фотографија: DW

Најголеми придобивки од членството на Хрватска во ЕУ ќе добијат македонските извозници на земјоделски производи, проценуваат од македонското Министерство за економија. Ваквите прогнози ги темелат на фактот дека целокупниот бесцарински третман, со исклучок на квотите за четири производи - вино, шеќер, говедско месо и риби, ќе продолжи да се применува според динамиката договорена во 2001 година. Министерот за економија Ваљон Сарачини е оптимист. Според него, со оглед на повисокиот степен на либерализација во земјоделскиот сектор, што се применува со Договорот за стабилизација и асоцијација меѓу РМ и ЕУ, а не е случај во рамки на ЦЕФТА, македонскиот извоз во Хрватска (на јагнешко месо, сирење, домати, краставици, пиперки, лубеници, јаболка, масло од сончоглед, преработки од месо, конзервиран зеленчук, цигари и тутун), кој досега беше ограничен во рамки на бесцарински квоти, со влезот на Хрватска во ЕУ ќе се одвива слободно. Овие производи учествуваа со 30 отсто во вкупниот македонски извоз на земјоделски производи во Хрватска.

„Имајќи го предвид и фактот дека се очекува за најмалку 20 отсто да се зголеми извозот на македонски земјоделски производи во Република Хрватска поради бесцаринскиот третман на земјоделски производи што ги споменав, првични проценки се дека по влезот на Хрватска во ЕУ македонскиот извоз ќе се зголеми за околу 2 отсто за периодот од од 1 јули до 31 декември 2013“, вели Сарачини.

Поголем извоз на вино

Македонската квота за извоз на вино во ЕУ е 400.000 хл., а за извоз во Хрватска беше 8.000 тони. Овие 8.000 тони ќе бидат дел од новата квота на македонски извоз во ЕУ, што значи повеќе од квотата со Хрватска во рамките на ЦЕФТА. Македонската квота за извоз на тутунски производи во Хрватска од 180 тони без царина во рамки на ЦЕФТА, од 1 јули се извезува без царина и без квота на европскиот пазар. Трговската размена меѓу Македонија и ЕУ се движи меѓу 55-64 отсто од вкупната трговија на РМ со светот. Вкупната трговска размена меѓу Македонија и Хрватска е 220 милиони долари во 2012 и 65 милиони долари за првите четири месеци во 2013 година. Во индустрискиот сектор најмногу се тргува со производи од железо и челик наменет за бродската индустрија, градежни производи и апарати, а во земјоделско-прехранбениот сектор најдоминантни во трговијата се свежото овошје и зеленчук, тутун и тутунски производи, преработки и вино. И министерот за земјоделство, Љупчо Димовски, смета дека македонскиот агросектор не треба да стравува од влезот на Хрватска во ЕУ. Според него, излегувањето на Хрватска од ЦЕФТА, само ќе ги зголеми квотите за увоз на македонски земјоделски производи.

Weinanbau in Mazedonien
Македонското вино и натаму ќе го има во ХрватскаФотографија: dpa

„Македонските вина ќе имаат поголеми квоти за извоз во Хрватска, а слично е и за останатите земјоделски производи. Проблем може да се јави при увозот на репроматеријали и други производи, но и тоа е проблем кој се разгледува и веројатно ќе се изнајде решение“, најави Димовски.

Од Хрватска поскапи производи

Македонските производи не се очекува да поскапат на хрватскиот пазар, но се проценува дека хрватските ќе стигнат со повисоки цени на македонскиот и тоа најмалку за десет проценти. Цените ќе се зголемат, бидејќи околу 40 проценти од хрватските извозни производи ќе бидат предмет на царина и на квота.

Најголем скок на цените се очекува кај тутунските, млечните и земјоделските производи од Хрватска. Дел од македонските кондиторски компании се надеваат дека ќе бидат поевтини и поконкурентни на домашниот пазар во споредба со хрватските. Но, и хрватските не седат со скрстени раце. Некои од нив веќе најавија дека ќе се обидат да продаваат по исти цени на штета на профитот, со цел да не бидат истиснати од македонскиот пазар.

„Би било многу лошо ако хрватските производи ги снема од македонските полици, бидејќи тоа се брендови кои се добро познати тука“, изјави хрватскиот амбасадор во Македонија, Златко Крамариќ.

Чоколадите на „Краш“, култната бонбониера „Бајадера“, производите на „Подравка“, познатиот зачин „Вегета“ и редица други производи, со децении се дел од потрошувачките кошници на македонските граѓани.

Mazedonien Agrar
Фотографија: AP

Време за промоција

Стопанската комора на Македонија (СКМ), сугерира дека Македонија сега треба да го зголеми своето присуство на ЦЕФТА пазарите за да ги супституира хрвтските производи, особено во БиХ, Косово и Црна Гора.

„Македонските компании треба да направат напори за своето промовирање во Хрватска, бидејќи на тој пазар ќе се креираат нови фирми, ќе има странски, а многу фирми ќе пројават бизнис-планови и интерес за излез на нови пазари, па зошто да не и во партнерство со македонски компании“, велат од СКМ. Според податоците, со излезот на Хрватска од ЦЕФТА-договорот, само во БиХ се отвора „дупка“ од 250 милиони евра. Која од земјите во регионот ќе успее да земе најголем дел од тој колач, ќе зависи исклучиво од нивните напори. На македонските земјоделци сега им се нуди можност први да црпнат и дел од „медот“ во Босна. Сезоната е во тек, тие на потег.