Барозо: Албанија напредува, статусот на кандидат е достижен
18 септември 2012На прес-конференцијата во Брисел по средбата со албанскиот претседател Бујар Нишани, претседателот на ЕК Жозе Мануел Барозо вчеравечер (17.09) нагласи дека е уверен во европската перспектива на Албанија.
„Албанија навистина напредуваше и верувам дека изгледите за продолжување на напредокот во 2012. година се добри, а статуст на кандидат е достижен. Сега на вас е да го направите неопходното, со наша помош, за Албанија да напредува и натаму во процесот на евроинтеграции“, рече Барозо.
Според него, за албанските власти клучно е исполнувањето на 12 приоритети кои ЕК ги наведе во својот извештај од 2010. година, а посебно оние кои се однесуваат на владеење на правото, реформа на јавната администрација и почитувањето на човековите права.
„Врз основа на она што е веќе направено, Албанија може и мора да направи повеќе. Треба да вложи дополнителни напори во реформа на институциите, борбата против корупцијата и организираниот криминал и почитувањето на владеењето на правото, вклучувајќи и независно и ефикасно судство“, рече Барозо.