1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Барателите на азил од Македонија притискаат и врз Холандија и Луксембург

5 октомври 2011

Земјата на „лалињата“ Холандија и малиот, но богат Луксембург, последниве месеци се цел на барателите на азил со македонски пасош.

https://p.dw.com/p/12m7j
Барателите на азил од Балканот се одбиваатФотографија: Picture-Alliance /dpa

Минатогодишниот бран азиланти од Македонија, во Холандија, со не многу намален интензитет продолжи и годинава. Бројките велат дека лани азил побарале 389 македонски државјани. Годинава само за осум месеци оваа бројка е 241.

„Со оглед што според холандските закони азил може да добијат само оние лица кои во своите држави се загрозени, барањата од македонските државјани се одбиваат“, изјави за Дојче веле Сандер ван дер Еијк, портпарол на Министерот за внатрешни работи на Холандија, кој и ни ги презентираше бројките. Според него, до почетокот на 2011, барателите на азил добивале парична помош за враќање во Македонија, и тоа била една од причината која многумина намамила на вакво патешествие. Но, сега, како вели Ван дер Еијк, изненадува што иако знаат дека нема да добијат ниту азил, ниту надоместок, вложуваат свои пари за патување, кое им носи само трошоци.
 

NO FLASH EU Asylrecht
Фотографија: AP


Ваквиот негативен тренд, како објаснува Ван дер Еијк, може да биде закана за добиената придобивка – патување без визи, која веќе неколку месеци е под лупа на надлежните инситуции од ЕУ.

„Иако холандската влада даде зелено светло за безвизниот режим за Македонија и земјите од Западниот Балкан, злоупотребата може да доведе и до негово привремено суспендирање. За ова, како што е познато одлучлува Европската комисија, така што Холандија ќе реагира според она што ќе биде одлучено. Би дополнил уште дека холандската амбасада во Скопје заеднички со македонските власи се ангажира да биде сопрен ваквиот тренд, но се чини треба уште повеќе на ова да се работи“, подвлече портпаролот Ван дер Еијк.

Луксембург нема повеќе да прифаќа барања за азил

 Поради големиот притисок на баратели на азил деновиве реагираше и Луксембург. Министерот за доселување Николас Шмит изјавил дека службите за азил и бегалци не можат да се справат со ситуацијата поради што „Луксембург нема да прифаќа повеќе барања за азил“. Повеќето медиуми информира дека само минатата недела биле поднесени 160 барања за азил од државјани на Србија, Македонија и Косово. Заради ваквата ситуација министерот Шмит најави разговори со владите на овие држави.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Александра Трајковска