Банките им диктираат на хрватските весници
13 јули 2014Алармантната финансиска состојба во две од трите најголеми хрватски новински куќи изминативе недели, интересна е и поучна поради нивните заеднички структурни моменти. Притоа, индикативен е фактот дека ретко кој во домашните медиуми се впушта во нејзина целосна анализа. Бидејќи, односите на таа мала сцена интензивно се вмрежени и преплетени и тешко е да се води сметка за сите интереси, а да се информира јавноста макар малку објективно.
Се работи за Еуропапрес холдинг, на досегашниот мнозински сопственик Нинослав Павиќ, издавач на весниците „Јутарњи лист“, „Слободна Далмација“ и „Спортске новости“, како и магазините „Глобус“, „Глорија“, итн. Втората фирма е онаа на Алберт Фаѓани, која го поседува ријечкиот „Нови лист“ како и редица други локални медиуми. Накусо, и двајцата газди се најдоа во големи долгови и разни други дубиози. Своите весници и новинарите кои работат во нив, притоа, ги загрозија со ризични вонмедиумски бизнис, како и со големите кредити кои ги земале. На овие сопственици не им помогна многу ниту блискоста со одредени моќни политички структури, бидејќи до денес во таа игра опстанаа само банките-доверители. Во првиот случај Хипо банка, а во вториот Загрепска банка, што значи дека мнозинството од домашните печатени медиуми сега се на милост и немилост на финансискиот сектор.
Весниците пред колапс
Се наметнува прашањето, зошто Хрватска од приватизацијата на речиси целиот медиумски сектор дојде до негов фактички колапс?
Деан Дуда, професор по книжевност и културолошки студии на загрепскиот Филозофски факултет, потсетува дека дел од сопствениците дошле во секторот од некој друг бизнис, а други почнале во медиумите, а потоа го ширеле бизнисот во други сфери. Фаѓани е пример за првиот, а Павиќ за вториот модел. „Но резултатот е ист, колапсот на медиумите како колапс на работењето во медиумите, медиумите како поле за работа и работничките права“, вели Дуда за ДВ. Тој потсетува дека клучните медиумски актери попатно уништиле уште по некоја локална индустриска, прехранбена или трговска дејност, сѐ со благонаклоност или поддршка на корумпираните политички елити. „Тоа е дел од нерасветлениот проблем на создавањето на националната буржоазија“, додава Дуда.
Социологот Хелена Поповиќ од Факултетот за политички науки смета дека проблемот се појавува во моментот кога медиумите во исто време се осудуваат на пазарот, а и понатаму им се припишуваат атрибути на општествени институции и културни артефакти во стриктнод дефинирана нормативна рамка. „Од тие норми никогаш не сме биле подалеку, пазарот се покажува супериорен, а медиумските содржини сѐ повеќе се резултат на 'спинови' кои се шират под влијание на пропагаторите, додека ниските плати и несигурните услови за работа на новинарите им оневозможуваат професионално извршување на задачите“, вели Поповиќ.
Поврзаноста на медиумските могули со политичките структури и таа ја гледа како основна пречка за демократизација на хрватските медиуми и за решавање на проблемите во овој сектор. „Растот и концентрацијата на сопствеништвото кое често се шири надвор од медиумската дејност, тие компании ги прави недопирливи и им овозможува да се занимаваат со рискантни бизниси, да ги игнорираат договорите за концесија, работничките права или било кои други законски прописи кои се однесуваат на нив“.
И новинарите се одговорни
„Состојбата во медиумите е таква што итно бара осмислување на потполно нови модели на функционирање во рамките на кои би се водело сметка за јавниот интерес и демократското функционирање на медиумите“, заклучува Поповиќ.
Дуда, од друга страна, значаен дел од одговорноста ја адресира и на поголемиот дел од еснафот. Тој смета дека на почетокот сите во медиумите гледале поле за добра заработка, а најлошото е што така на нив гледале и новинарите кои во периодот на приватизацијата успеаја да стигнат до дел од сопственоста. „Но не го издржаа лукративниот предизвик, ги продадоа уделите и денес плачат дека 'исчезнуваат институциите кои се од голем јавен интерес'. Може да се каже дека медиумските работници се занесоа со сопствената величина, а особено преплатените уредничко-коментаторски кругови кои директно ги сервисираа политичките и финансиските покровители“, смета Дуда.