Бан шокиран од катастрофата во Пакистан
16 август 2010Природната катастрофа во Пакистан зема се’ поголеми размери. Францускиот претседател Никола Саркози, со оглед на поплавите, се заложи за формирање на европска мисија за брзо делување при природни катастрофи. Во писмото до претседателот на Комисијата на ЕУ Жозе Мануел Барозо, Саркози увери дека неговата владата наскоро ќе излезе со конкретни идеи за овој предлог. При актуелната катастрофа подготвеноста за донации за помош е далеку помала во споредба со други хуманитарни катастрофи.
Повик за бран на солидарност со настраданите
Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун при посетата на поплавените области во земјата повика на „бран на солидарност“.
Бан Ки Мун беше видно вознемирен од она што вчера го виде во Пакистан.
„Никогаш нема да го заборавам ова страдање, ова уништување, кое го видов денеска. Постојано гледам природни катастрофи во целиот свет, но вакво нешто како овде не сум видел. Толку многу луѓе кои немаат ништо повеќе и’ им е потребно се’. Секој десетти жител на Пакистан е погоден од поплавата, вкупно 20 милиони луѓе, една петина од земјата е под вода.“
При посетата на поплавените подрачја, генералниот секретар сакаше да зборува со жртвите за да може одблиску да добие увид во ситуацијата:
„Луѓето се заглавени на мали острови, опколени со вода. Тие мораат да пијат нечиста вода. Живеат во кал и во рушевините на нивниот живот. Многумина изгубиле некој од семејството или пријатели. Многумина се плашат дека нивните семејства и нивните деца нема да преживеат под овие околости.“
Стигнува помош, но бавно и недоволно
Додека Бан Ки Мун беше во посета на областите погодени од катастрофата, во Пакистан на виделина излегоа нови проблеми. Сега и провинцијата Балуџистан на југозапад од земјата е погодена од поплавите - водата едноставно однесе повеќе села. Со тоа речиси сите провинции на Пакистан се погодени од катастрофата. На север на земјата пристигнувањето на помошта веќе стана трка со времето. Соработниците на хуманитарните организации делумно пеш и на магариња се обидуваа да достават помош до жртвите во селата. Таму има акутен недостаток на храна и наводно повеќе деца починале поради болест и недостаток на храна. Генералниот секретар на ОН стравува дека оваа ситуација нема да се смени во догледно време:
„Оваа катастрофа ни од далеку не е завршена. Дождовите може да траат уште долго, со недели. Насипите и натаму ќе попуштаат. Ние, светската заедница се обидуваме колку што може побрзо да ја доставиме помошта која е итно неопходна.“
Обединатите нации досега доставија помош во храна, лекови, продукти за хигиена и пред се’ вода за пиење до шест милиони луѓе. Но генералниот секретар на ОН мораше да признае дека помошта стигнала само до секој трети жител погоден од катастрофата, поради што упати апел:
„Бранот поплави мора да биде победен со бран на помош и солидарност“, подвлече Бан.
Во главниот град Исламабад слетуваат многу авиони, но опсегот на помошта, која светот ја поружи пред пет години по големиот земјотрес на североисток на земјата, се‘ уште не е достигнат.
Автор: Јирген Веберман/дв/Александра Трајковска
Редактор: Жана Ацеска