1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балканот гладен за кинеските милиони

Б.Георгиевски/дв17 декември 2014

Пекинг ги привлекува партнерите со евтини кредити за проекти кои ќе ги реализира во сопствена режија. Повикот на Патот на свилата, вреден милијарди, добро одзвонува во ушите на економски сушната чекалница на ЕУ

https://p.dw.com/p/1E681
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Stankovic

„Тоа е настан што би му се допаднал и на Јосип Броз Тито: шефовите на влади и држави од 16 европски земји, стотици делегати, 1.200 претставници од преку 500 фирми, повеќе од илјада новинари. И кинескиот премиер“, ја пренесува Зиддојче цајтунг атмосферата на самитот во Белград. Минхенскиот весник наведува дека на европските држави на располагање им се ставени 10 милијарди долари кредити за евентуални енергетски и инфраструктурни проекти. Српските домаќини со премиерот Александар Вучиќ на чело распослаа црвен тепих, и не само тоа. Ли Кечианг ќе го отвори мостот преку Дунав и ќе стане почесен граѓанин на Белград. „Слично како и за време на посетата на рускиот претседател Владимир Путин во октомври, и сега економски слабите Срби ги извлекуваат сите можни симболи на почест за да го мотивираат високиот гостин и неговите шефови на фирми на повеќе инвестиции“.

Во коментарот на истата тема во Зиддојче цајтунг, весникот искажува сомневање дека кинеските инвестиции се обременети со корупција. „Во Србија, која не е членка на ЕУ - па Брисел не може да ги надгледува тендерите, критичарите имаат забелешки дека проектите со Пекинг се склучуваат со блокада на конкуренцијата и дека од тоа домашното стопанство малку профитира. Тука е паралелата со постапките на Русија во однос на проектот Јужен тек, кој во меѓувреме пропадна. Ни таму немаше ниту збор за транспарентност, а на корупција укажуваа трошоците, кои беа далеку над европското ниво. Уште повеќе корупција - тоа е последното што им е потребно на меѓународно заостанатите земји од средна и источна Европа, доколку сакаат да фатат приклучок со остатокот од Европа“. „На регионот му се потребни инвестиции, но ЕУ мора да ги отвори очите“, предупредува Зиддојче цајтунг.

Штутгартер цајтунг извештајот од Белград го започнува со цитат од булеварскиот весник „Ало“, каде пишува дека самитот е најголемиот политички спектакл во Белград по погребот на Тито. „Како и на претходните состаноци во Варшава и Букурешт, и тука во центарот на вниманието се настојувањата на Кина преку стопанска соработка да го зајакне политичкото влијание во регионот. Пекинг ги привлекува партнерите со евтини кредити за проекти кои ќе ги реализира во сопствена режија. Милијарди вредниот повик на Патот на свилата добро одзвонува во ушите на економски сушната чекалница на ЕУ, но и во кризните членки како Унгарија. Кредитите и финансиската помош на ЕУ, САД или Светската банка не можат да ги покријат огромните потреби и често се доделуваат под многу строги услови. Надежите, кои првенствено Србија и Унгарија ги вложија во Русија, доживеаја тежок удар откако Путин го откажа Јужен тек. Па така, во сиромашниот регион, средствата од Кина стануваат и повеќе од добредојдени“, пишува Штутгартер цајтунг.

Самитот го анализира и швајцарскиот Ноје Цирхер Цајтунг. „Главна цел на Кина е веројатно да создаде нови пазари и да ги скрати роковите за испорака на извозни добра. Ли е првиот кинески премиер кој го посетува Белград по 28 години“. Понатаму во текстот се наведува дека давањето кредити Кина никогаш не го врзува за политички услови, но кредитираните земји мора да прифатат дека домашните фирми ќе добијат само мал дел од работата. „Кина е атрактивен партнер за владите на Западниот Балкан, меѓу другото, и затоа што нивното приближување кон ЕУ оди бавно. Сѐ уште важи изјавата на новиот претседател на Европската Комисија Жан-Клод Јункер дека во следните пет години ЕУ нема да прима нови членки“.