1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Базата на СПД гласаше за големата коалиција

ЖА/дпа14 декември 2013

Патот кон формирање влада на голема коалиција во Германија е слободен. Околу 76 проценти од партиските членови на Социјалдемократската партија се изјасниле за владин сојуз со ЦДУ и ЦСУ, беше соопштено денеска.

https://p.dw.com/p/1AZmC
Фотографија: John MacDougall/AFP/Getty Images

На прес конференцијата во Берлин раководството на Социјалдемократската партија денеска (14.12.2013) го соопшти резултатот од изјаснувањето на партиската база за влегување во владин сојуз со Христијанско-демократската и со Христијанско-социјалната унија. Како што соопшти Барбара Хендрикс, 75,96 проценти од партиската база гласале за голема коалиција. Со тоа, според планираното, лидерката на ЦДУ Ангела Меркел во вторник може третпат да биде избрана и да положи заклетва за сојузна германска канцеларка.

Од вкупниот број 474 820 членови на СПД, на досега единственото вакво партиско изјаснување учествувале 369 690, односно 78 проценти. Од нив 256 643 се изјасниле со „да“, а 80 921 биле против.

СПД според неофицијалните информации треба да добие шест министерски места во идната голема коалиција. Партискиот шеф Зигмар Габриел, според информации во медиумите, би требало да биде вицеканцелар и да го преземе ресосрот економија и енергетика, шефот на пратеничката група Франк-Валтер Штајнмаер да стане министер за надворешни работи, благајничката на партијата, Барбара Хендрикс да раководи со ресорот за екологија, генералниот секретар Андреа Налес да го преземе министерството за труд и социјала, партиската вицелидерка Мануела Швезиг би го водела министерството за семејство, а досегашниот покраински министер за економија Хајко Мас би застанал на чело на министерството за правда.

СПД на парламентраните избори на 22 септември освои 25,7 проценти од гласовите, а Унијата ЦДУ/ЦСУ - 41,5 проценти од гласовите. На Унијата ѝ недостигаа уште пет мандати за апсолутно мнозинство. Многу членови на СПД беа скептични кон сојуз со Унијата. За да избегне расцеп на партијата, лидерот Габриел предложи изјаснување на партиската база за во ноември постигнатиот договор за голема коалиција, кој конечно треба да биде потпишан в понеделник.