1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Баварија е туристички магнет

Карстен Камински / Александар Методијев2 септември 2014

Пиво, перек и планини - овие три збора се карактеристични за Баварија. Регионот на југот на Германија има рекордни бројки на посетеност од страна на странските и домашни туристи.

https://p.dw.com/p/1CyWu
Фотографија: picture-alliance/dpa

Авантура, гостопримство, традиција - тоа го гарантира Баварија. Минатата година таму дојдоа околу 32 милиони туристи, што е рекорд. Германската покраина не е најомилената туристичка дестинација само на Германците, туку и најголем дел од странските туристи во Германија доаѓаат во Баварија - или 7,5 милиони странски гости, од кои најголем дел од Холандија и САД. Сеедно какво е времето, туризмот во Баварија цути.

„Во моментов сме всушност на Кимското езеро и тука всушност може да се прави се’ што е можно: пливање, возење велосипед, планинарење - значи се’. Планината е убава“, вели една германска туристка.

„Многу е гостопримливо и за луѓето кои патуваат од странство. Ни се допаѓа ова“, вели една гостинка од странство.

„Тука најмногу ми се допаѓа пивото. Минхен има извонредно пиво. Супер е за нас“, додава едно младо момче.

Symbolbild Oktoberfest Bayern
Перекот е една од карактеристиките на БаваријаФотографија: PhotoSG/Fotolia

Блех-музика, традиционалните кожени панталони - ледерхозе, и Октобер фест, тоа е она што странците ги асоцира на Баварија, но и воопшто на германската култура. Претстави кои не секогаш се ласкави, но можат да играат суштинска улога во комерцијализацијата на регионот.

Клишеата носат и предности за туризмот, смета Харалд Пехланер од Туристичкото биро за истражување на баварскиот универзитет Ајхштат.

„Сметам дека тие се значајни, бидејќи се индикации кога се работи за резервирање на некое патување или кога се одлучуваат за некоја земја, за некој регион“, вели професорот Пехланер.

Разновидна понуда

Главните туристички мотиви се културните богатства, интересните градови и разновидните пејзажи. Со добри 70.000 километри квадратни Баварија е најголемата по површина сојузна покраина. Посебно планините ја прават Баварија рај за вљубениците во отворениот простор. Алпското подножје и околу 200-те езера нудат најдобри услови за релаксација и активен одмор.

Со 122 скијачки одморалишта во Баварија туристичката сезона трае преку целата година. Голема предност е што Баварија е добро посетена во текот на целата година, а тоа го потврдува и туристичкиот експерт Јенс Хувалд.

„Природата секако дека е нашиот главен аргумент при продажбата, и тоа е сосема јасно. Кога не би ја имале природата, кога не би го имале подножјето на Алпите или средновисоките планини, тогаш би биле сиромашни и со сигурност не би биле туристичка дестинација број еден“, вели раководителот на „Бајерн туризмус“.

Интерес и за големи, но и мали градови

Многу се патува и во градовите во Баварија. Посебно главниот град Минхен со неговиот микс на култура и животен стил. Секогаш добро посетен е плоштадот Мариенплац со познатата игра со ѕвончињата. Но, и Англиската градина, каде жителите на Минхен радо пијат пиво.

Tourismus in Füssen
НојшванштајнФотографија: Salah Soliman

Меѓу туристите има побарувачка и за помалите градови во Баварија, на пример Ротенбург об дер Таубер со средновековното градско јадро.

Неброените замоци и тврдини го откриваат културното богатство на Баварија. Со 1,3 милиони посетители годишно замокот Нојшванштајн е една од омилените атракции. Меѓу другото, таму во моментов се наоѓаат седум знаменитости од листата на светското културно наследство на УНЕСКО. Баварците се познати и по нивната гостопримливост.

„Баварија има огромна предност што го има ова мноштво на различни региони и пејзажи за оние луѓе кои токму овие предели си ги замислуваат, кои прават поврзаност со овие пејзажи. Тоа е она вистинското, тоа луѓето го сакаат се’ повеќе“, вели професорот Пехланер.

Богата природа и сосема посебен шарм. И оваа година, според проценките на експертите, Баварија повторно ќе постави рекорд со бројот на туристи.