1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Баба Рога

Светлана Јовановска
25 јануари 2019

Жбогар сакаше да биде нашата европска Баба Рога и да нѐ уплаши за да не влеземе во предвремени парламентарни избори. Нам не ни треба Баба Рога. Ни треба кредибилен партнер за да стасаме таму каде што сме тргнале.

https://p.dw.com/p/3CA1q
Svetlana Jovanovska
Фотографија: Privat

Решете го билатералниот спор со Грција! Без решен спор нема Европска унија!

Овие зборови ни се толку многу познати. Ги слушаме речиси три децении и три децении Брисел нѐ уверува дека таа пречка стои на нашиот пат кон ЕУ. Се разбира, стојат и други нешта, како сериозни реформи во многу области. Но, без решен спор со нашиот јужен сосед, и реформите, како што можевме да се увериме и ние и ЕУ, беа исто така тешко изводливи.

Потоа, кога конечно се најдоа двајца умни, толерантни, млади лидери, оперирани од национализам, и кај нас и во Грција, големата грижа што настапи на политичката сцена беше гласањето на Преспанскиот договор во двата парламента. Стасаа пораки и совети од Брисел коишто ни велеа дека договорот мора да помине, на европски или балкански начин.

Така и бидна. Со доза европски сос и со доза балкански зачин, Преспанскиот договор мина низ македонското Собрание, а денес, кога овој текст ќе биде пред очите на читателот, овој документ најверојатно ќе биде минато и за грчкиот Парламент.

Се разбира, на Македонија ѝ се потребни реформите. Не за ЕУ, туку за нас. И сите се согласивме дека македонската влада беше целосно посветена на Преспанскиот договор којшто ѝ ја одзеде безмалку целата енергија. За жал, Заевци во македонската влада нема многу, па така голем број од министрите коишто немаа директен ангажман во реализацијата на Преспанскиот договор, изминатата година се однесуваа како да се технички вишок во фирма што се трансформира.

Сега констатираме дека реформите се некаде бавни, а некаде воопшто ги нема. А македонската заедница на социјалните мрежи нема веќе трпение. Сака стогодишна демократија и европска Македонија – веднаш, а ако може и порано. Сѐ ми се чини дека тоа не оди така. И популистите во светот слично ја замислуваат демократијата. Но, кога ќе дојдат на власт или се повлекуваат од нивните грандиозни идеи и се соочуваат со реалноста на владеењето, па се претвораат во лидери како Ципрас или стануваат авторитарен режим како Орбан и други слични нему.

Парламентарни избори, да или не?

А сега на дневен ред стасуваат реформите. Или можеби предвремените избори? Европскиот амбасадор во Скопје, ни кажа пред некој ден дека претседателските избори не се паѓаат баш во најдобар термин, ќе одземеле време и енергија. Тоа го знаеме. Но, Иванов нема да го крунисаме како вечен претседател на ова мало парче земја на коешто тој направи сериозна штета. Да имавме поинаков претседател немаше да користиме балкански зачини за парламентарно мнозинство. Доволни ќе беа европските. Но ете, Жбогар сакаше да биде нашата европска Баба Рога и да нѐ уплаши за да не влеземе во предвремени парламентарни избори. Дали успеал во мисијата ќе разбереме наскоро од партиските штабови. Партиите веројатно имаат на ум дека решението на спорот со Грција веќе не е гаранција дека ќе добиеме преговори за членство со ЕУ.

Други колумни од авторката:

Вина

Александар Велики ќе гласаше за Преспанскиот договор

Кога сме веќе кај реформите и нашите преговори за членство во ЕУ, да се сетиме исто така дека некои многу високи функционери во Брисел упорно инсистираа и инсистираат на пакет за преговори со Македонија и Албанија. Пакет којшто минатиот јуни скапо го плативме. Се разбира, немам ништо против нашите албански соседи и би било одлично ние да ја повлечеме Тирана напред кон преговори. Но ако тоа не можно, се поставува легитимното прашање - зошто нас Албанија би нѐ влечела назад? Добриот и лошиот ученик се ставаат во иста клупа ако првиот може да му помогне на вториот. Во обратниот случај, умниот наставник треба да ги раздели. А Брисел, барем досега, не покажа таква доблест.

Три причини

Извештајот на Европската комисија годинава најверојатно ќе биде објавен во јуни, а не во април како што се очекуваше. По европските избори. Причината е чисто балканска: да не се влијае врз гласачкото тело со незгодниот Балкан за да не им се дава „гориво” на популистите и екстремната десница од Европа.

Европската унија, односно нејзините први луѓе во Брисел, би требало да бидат чесни со Македонија како што и таа беше со нив во овој храбар потег потпишан во Преспа. И да сторат сѐ за да може Македонија да добие преговори за членство во јуни. Без оглед на нашите предвремени и редовни избори. Од три причини.

Првата е кредибилноста на ЕУ, одамна сериозно разнишана не само на Балканот, туку пред сѐ во самата ЕУ. Толку разнишана што денес, на прагот на власта во повеќе ЕУ земји, стојат редица популисти, националисти и екстремни десничари. За некои аналитичари ова е само епизода во историјата на Европа. За други, трајно поместување на политичките сили. Или долготрајно пласирање на партиските интереси пред државните. Европа е експерт во оваа област.

Втората се токму нашите толку неопходни реформи. Без конкретен датум за преговори, Македонија ќе продолжи да талка низ реформските лавиринти. Мораме и сами пред себе да си признаеме дека ни треба цврста рака од надвор за да ни го покажува патот и да им застане на пат на партиските интереси.  Или она што Заев еднаш го нарече „камшик”.

Третата причина е нашата регионална потенцијална нестабилност што го кочи секој вистински напредок на сите балкански држави.

Европските челници повторуваат дека Преспанскиот договор треба да биде пример за другите билатерални проблеми на Балканот. Не може да стане никаков пример ако Европа не го признае како дел од нејзината приказна и ако продолжи да им дава плоден терен на сите националисти, балкански или европски. Нам не ни треба Баба Рога. Ни треба кредибилен партнер за да стасаме таму каде што сме тргнале.