1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе секнат милионите за Волфсбург?

З. Јордановски/сид,дпа9 октомври 2015

Ригорозното штедење, што го најави Матијас Милер, новиот шеф на Фолксваген, веројатно ќе го засегне и фудбалот. Во најнеповолна положба може да се најде Волфсбург, иако концернот поддржува уште 16 други клубови

https://p.dw.com/p/1GlMs
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Franklin

Од најголемата криза во историјата на Фолксваген нема да остане незасегнат ни фудбалот, првенствено клубот Волфсбург, кој е фирма-ќерка во стопроцентна сопственост на концернот. За тоа се свесни во клубот, иако засега нема најава какви конкретни мерки би можеле да уследат. „Јасно е дека во контекст на она, што таму ќе мора да се прави, и ние ќе мораме да ја одиграме нашата улога“, вели менаџерот на клубот Клаус Алофс за агенцијата ДПА. „Но, нема никаква причина уште сега да бидеме загрижени“.

„Ќе го превртиме секое камче“

Можеби навистина не во моментов, но изјавата на новиот шеф на концернот Матијас Милер навестува што ќе претстои: „Ќе го превртиме секое камче, па ќе погледаме и таму“, изјави Милер за „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“, не спомнувајќи го изрично фудбалскиот клуб. Претходно Милер најави ригорозен курс на штедење за целиот концерн, кому поради скандалот со манипулацијата на издувните гасови на дизел-модели му се закануваат казни во износи изразени со милијарди. „Поради тоа сега уште еднаш ќе ги преиспитаме сите планирани инвестиции. Се’ што не е безусловно нужно, ќе биде избришано или одложено“, рече деновиве Милер на собирот на вработените во погоните во Волфсбург, седиштето на концернот. Ни во таа пригода тој не го спомна изрично фудбалскиот клуб Волфсбург.

Клаус Алофс верува дека мерките за кои размислува Милер сепак ќе одат во друга насока: „Таму има други горливи теми. Таму се во прашање други финансиски димензии“. Ако се има предвид целиот концерн, тогаш финансискиот ангажман во фудбалот е „многу низок“, рече Алофс за магазинот „Ди Цајт“ и нагласи: „Обратно, фудбалскиот клуб Волфсбург вреди повеќе за марката Фолксваген, отколку фактички во него инвестираната сума“. Алофс смета дека со оглед на скандалот, фудбалскиот клуб може да одигра „посебна улога“ за концернот во претставувањето во јавноста.

Помина времето на големи трансфери на играчи?

Аферата „дизелгејт“ (алузија на американскиот скандал Вотергејт од 70-тите години на минатиот век, поради кој тогашниот претседател на САД Ричард Никсон мораше да поднесе оставка н.з.) сепак веќе има и непосредни последици по фудбалскиот клуб Волфсбург. Тројца од врвните менаџери на Фолксваген го напуштија Надзорниот одбор на клубот. Тоа тело даваше согласност за милионски инвестиции. Сега е малку веројатно дека во иднина ќе бидат одобрени големи пари како годинава, кога беа потрошени 70 милиони евра за да бидат доведени Андре Ширле од Челзи и Јулиан Дракслер од Шалке - можеби не толку поради парите, колку заради солидарност со сите во концернот, кои ќе бидат засегнати од мерките за штедење.

Фудбалот како маркетиншки инструмент

Мартин Винтеркорн, претходник на Милер на челната позиција во Управниот одбор на Фолксваген, кој по избивањето на скандалот поднесе оставка, „го откри“ фудбалот како маркетиншки инструмент. Концернот целосно го презема клубот Волфсбург, континуирано ја зголемуваше финансиската поддршка за него, која во меѓувреме достигна висока двоцифрена милионска сума евра годишно. Волфсбург со таа поддршка во 2009. година стана првак на Германија, годинава беше вицешампион и победник на Купот на Германија.

Bundesliga VfL Wolfsburg vs. Hertha BSC Julian Draxler
Јулијан Дракслер беше најголемо засилување на Волфсбург сезонаваФотографија: Getty Images/Bongarts/R. Hartmann

Фолксваген преку својата марка Ауди е ангажиран и во фудбалските клубови Баерн од Минхен и Инголштат, а како спонзор фигурира и кај Вердер и Хановер, односно севкупно кај 16 професионални фудбалски клубови во Германија. Фолксваген е спонзор и на Купот на Германија во фудбал. Во Вердер велат дека нема да бидат погодени од кризата на Фолксваген - договорот за спонзорство пред неколку недели автоматски бил продолжен за наредни две години. Фолксваген е втор во рангирањето на спонзорите на Вердер, но официјално не е обелоденето колку пари се во прашање. Затоа пак е познато дека Фолксваген на Вердер му става на располагање голема флота автомобили за играчите и раководните сили на клубот.

Fußball - VFL Wolfsburg Martin Winterkorn
Мартин Винтеркорн, претходниот шеф на Фолксваген, кој поднесе оставка, „го откри“ фудбалот како маркетиншки инструментФотографија: picture-alliance/dpa/P. Steffen