1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повеќе икона отколку политичарка

Родион Ебигхаузен / Симе Недевски11 април 2014

Светскиот углед на Аунг Сан Су Чи е сличен со оној на Ганди или Далај Лама. Тој се базира на повеќедецениска борба против воениот режим во Мјанмар. Но, откако е во политиката, се слушаат и критики.

https://p.dw.com/p/1BfuI
Фотографија: picture-alliance/AP Photo

На Аунг Сан Су Чи денеска (11.04.) ќе ѝ биде врачена наградата „Вили Брант“ на германската Социјалдемократска партија (СПД). Оваа награда ја добиваат поединци или институции кои „се залагаат за разбирање меѓу народите“.

Добитничката на Нобеловата награда за мир (1991), наградата „Сахаров“ (1990), Златниот медал за чест од Американскиот конгрес (2008) и други бројни награди, се вбројува меѓу најпознатите политичари на нашето време. За време на средбата во Јангон во 2012. година, претседателот на САД Барак Обама го пофали нејзиниот ангажман: „Аунг Сан Су Чи храбро и решително докажа оти на човек никој нема право да му ги одземе слободата и достоинството“.

Одговорност и ангажман

Aung San Suu Kyi bei Merkel PK 10.04.2014 in Berlin
Фотографија: picture-alliance/dpa

Обврската да се ангажира, Су Чи во едно интервју за магазинот „Венити фер“ ја објасни со своето потекло: „Како ќерка на мојот татко се чувствував одговорна да се ангажирам“. Нејзиниот татко Аунг Сан и денес е големо име во Мјанмар (некогашна Бурма). Тој ја поведе земјата во борба за независност од колонијалното британско владеење. Го убија во 1974. година неговите политички противници. Неговата сопруга тогаш беше пратеник во парламентот и министерка. Таа во 1960. година беше и првата амбасадорка на својата земја во Индија.

Значи политиката ја следеше Аунг Сан Су Чи и го одбележа целото нејзино детство и младост. Подоцна, кога на Оксфорд судираше филозофија, политика и економија, беше политички активна, но не можеше да претпостави дека еден ден ќе стане икона на борец за човекови права.

Судбоносната 1988. година

Во 1988. година, Су Чи, која во тоа време предаваше во едно средно училиште во Индија, заминува во Јангон за да се грижи за болната мајка. Набргу потоа доживува бурни студенски протести и смена на владетелот Не Вин, генералот кој со години ја предводеше воената влада. Аунг Сан Су Чи ѝ се приклучи на опозицијата и наскоро стана нејзино најпознато лице - пред сѐ на Запад.

Во своето прво јавно обраќање на 26. август 1988. година, Су Чи пред половина милион луѓе собрани во Јангон бараше нов политички почеток. Ситуацијата во земјата излегуваше од контрола и војската реагираше на брутален начин. Многумина ги загубија животите, а илјадници опозиционери беа осудени на повеќедецениски затворски казни.

Животна тема: ослободување од стравот

Aung San Suu Kyi Treffen mit Joachim Gauck in Berlin 10.04.2014
Фотографија: Getty Images

Су Чи набрзо стана најпозната критичарка на воениот режим. Таа се залагаше за ненасилен отпор: „Не сум против насилство поради морални причини, туку поради политички и практични“. Таа ненасилството го поврзува со ослободувањето од стравот. „Не ги расипува луѓето моќта, туку стравот. Стравот од губење на моќта ги расипува оние кои се на власт, а стравот од злоупотреба на моќта оние со кои се владее“. Со овие зборови Су Чи го започна својот говор за време на врачувањето на наградата Сахаров.

Аунг Сан Су Чи, која го негува теравада-будизмот, секогаш се залагала за една духовна револуција. Со тоа го следи патот на Ганди кого отсекогаш го ценела. Чисто политичка реформа не е во состојба трајно да го излечи општеството.

Горка победа

Првата можност за промена на политичкиот курс во Мјанмар се укажа во 1990. година. На првите општи избори победи нејзината Национална лига за демократија (НЛД) со 59 проценти добиени гласови. Војската се премислуваше дали да го признае изборниот резултат, пред да се промени уставот. Тоа траеше повеќе од 12 години, и за тоа време земјата беше под контрола на војската.

До 2011. година, Су Чи повеќе од 15 години помина во домашен притвор. Владата ѝ дозволи да ја напушти земјата кога нејзиниот сопруг беше на смртна постела или за да се појави лично на доделувањето на Нобеловата награда. Но, таа тоа секогаш го одбиваше. Знаеше дека само така може да го задржи угледот во својата земја.

Политичарка, наместо икона

Во 2010. година војската униформите ги замени со цивилна облека и овозможи отворање на земјата кон светот. Аунг Сан Су Чи беше пуштена од домашен притвор и по изборите во 2012. година има свое место и во парламентот. За првпат во својот живот може активно да учествува во политичкиот живот и да ги спроведува своите идеи. Новинарот Зеја Ту објаснува дека Су Чи на многу луѓе во Мјанмар пред 2012. година им беше непозната. Се знаеше единствено дека е во домашен притвор и оти е против воениот режим. Денес ситуацијата е поинаква: „Некогаш таа беше икона на демократијата, денес е политичарка“. Тоа значи дека таа мораше да ги прифати политичките правила кои некогаш се итри и валкани.

Myanmar Parlament Sitzung Aung San Suu Kyi 26.03.2014
Фотографија: Reuters

Не мина долго време, а веќе се појавија и првите критики: Су Чи не се грижи доволно за етничките малцинства, нејзината партија НЛД владее авторитарно, а таа разговара со своите поранешни непријатели од војската.

Досега, вели Зеја Ту, Аунг Сан Су Чи има повеќе остварено како икона отколку како политичарка. „Сепак, подраго ѝ е да биде политичарка отколку икона, зашто само така може да постигне конкретни промени“. Тоа можеби побрзо ќе ѝ појде од рака од 2015. година кога, како што најави минатата година, ќе се кандидира на претседателските избори. Во менотoв за нејзина кандидатура постои пречка во уставот, која вели дека претседателот на Мјанмар не може да биде во брак со странец. Сопругот на Су Чи, кој почина во 1999. година, беше Британец, а нивните две деца имаат британско државјанство. Но, Зеја Ту е оптимист: „Со оглед дека односите меѓу Су Чи и војската денес се подобри од порано, уставот веројатно ќе биде изменет“.