1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Асиметрична војна против џихадизмот

Александар Кудашеф/превод: Ж.А.16 ноември 2015

Терористите сакаат да се откажеме од нашето себедефинирање. Тие сакаат да ја победат епохата на модерната и тоа со асиметрични средства. Тоа значи, претстои долга борба, смета Александар Кудашеф.

https://p.dw.com/p/1H6Co
Фотографија: Reuters/B. Tessier

По терористичките напади во Париз, кај нас, кај многумина, се прикрадува некое чувство како светот да излетува од колосекот, како редот и поредокот да се распрснуваат. Папата зборува дури за Трета светска војна. Притоа, не се мисли на глобална војна, но - постои војна против светот каков што го знаеме. Неа ја објави исламистичкиот џихадизам, и тоа не само самонаречениот Калифат на Исламска држава, туку и многуте фундаменталистички групи, движења, секти во целиот свет: во Нигерија, Мали или Сомалија, Индија, Бангладеш, Авганистан или Индонезија и се разбира, на Блискиот Исток, во распаднатите држави Ирак, Сирија, Либија или Јемен. Џихадизмот настапува надрегионално, посега кон Европа исто како и кон Русија. Тој му испраќа предизвик на светот.

Апсурдно е спорењето дали исламот е мирољубива или воинствена религија. Околу тоа можат да ја чукаат главата ориенталистите и исламолозите. Џихадизмот се повикува и се заснова на исламот. Врз еден изворен ислам наводно втемелен од пророкот Мохамед пред 1500 години во Мека и Медина. Радикално религиозен начин на живот во согласност со Коранот. Иако е спиритуално поттикнато, барањето е тоталитарно. Џихадистите сакаат сите ние да живееме онака како што тие сметаат за правилно. Тоа е објава на војна кон светот, кон модерниот живот.

Kudascheff Alexander Kommentarbild App
Александар Кудашеф, главниот и одговорен уредник на Дојче веле

Од тактички аспект пак, тоа е асиметрична војна. Малцинството го предизвикува мнозинството, поединецот ја предизвикува државата. Станува збор за борба на исламистичката герила против армија. Принципот е едноставен: државата мора да направи се‘ за да спречи макар и еден успех на терористите, мора да направи се‘ за граѓаните да живеат безбедно, секој час, секој ден, секој месец и година и тоа насекаде. На терористите им е доволен еден успех, тие мора да извршат само еден успешен удар за да ја протресат државата, како на 13 ноември во Париз.

Војната е асиметрична и поради различните претпоставки за нејзино водење. На една страна џихадистите, спремни на саможртвување на сопствениот живот, на друга полицијата и војската чие дејствување се базира врз рационалност, целисходност. На една страна е целосната подготвеност на неограничена бруталност, на друга - војници и полицајци кои дејствуваат врз принципите на правна држава. Нивните раце се врзани со правото, рацете на џихадистите се одврзани преку тоталитарната идеологија. Подготвеноста за брутално убивање стои наспроти демократските правила. Повеќе од нерамноправна борба, па дури и ако Западот мора во најмала рака темелно ја преобмисли својата безбедносна политика.

„Отвореното општество и неговите непријатели“, вака австрискиот филозоф Карл Попер ја нарече својата можеби најпозната книга. Отвореното, либерално општество е провокација за сите тоталитарни идеологии. Тоа општество одбива да прифати една единствена спасувачка идеологија и се брани со средствата на правна држава. Џихадизмот ги предизвикува западните либерални демократии до границите на толеранција и надвор од нив. Терористите сакаат да се откажеме од нашето себедефинирање. Тие сакаат да ја победат епохата на модерната со асиметрични средства. Тоа значи, претстои долга борба. Зашто, џихадистичкото движење со секој нанесен удар добива нови приврзеници. Резервоарот на терористи подготвени на самоубиство е се‘ уште неисцрплив. На тоа треба да се подготвиме.