Асанж ќе биде екстрадиран во Шведска
2 ноември 2011Асанж сега има две недели да ја достави финалната жалба до Врховниот суд. За жалбата најпрво треба да добие дозвола од Апелацискиот суд, кој ја донесе пресудата. Жалбата мора да се базира на правото кое се смета за генерален јавен интерес.
За време на читањето на пресудата Асанж не покажа емоции. По прочитаната пресуда го прегрна и бакна жена поддржувач, а надвор од судот се наоѓаа бројни поддржувачи со транспаренти дека тој е жртва на војната за вистината.
Двајцата судии, кои го водеа процесот, ги отфрлија тврдењата на одбраната дека израчувањето на Асанж на Шведска би било неправедно и спротивно на законот.
Асанж ќе се жали до Европскиот суд за човекови права
Асанж одби да коментира како се чувствува по пресудата. На излегување од судот само прозборе: „Не сум бил обвинет за никакво злосторсто во ниту една земја“. Неговиот шведски адвокат, Бјорн Хуртиг се огласи преку телефон. „Ова не е целосно неочекувано“, забележа тој. Адвокатот додаде и оти ако Асанж одлучи да не поднесе жалба, тогаш ќе биде екстрадиран во Шведска за две недели. Асанж претходно најавуваше дека ќе се жали до Врховниот суд и ако тој ги одбие жалбите, тогаш правдата ќе ја бара и пред Европскиот суд за човекови права.
Еден од адвокатите на двете жени, кои во Шведска го обвинуваат Асанж за сексуално насилство и силување, го критикува лондонскиот суд што му требале четири месеци за да донесе пресуда.
„Оваа одлука е токму она што го очекував, но сум многу критичен за фактот дека на Апелацискиот суд му требаше толку долго време, од јули“, вели Клаес Боргстром.
Австралискиот хакер може наместо во Шведска, да заврши во САД
Асанж беше уапсен во Велика Британија пред 11 месеци и најголем дел од времето го мина во куќен притвор во вила на истокот од Англија. Судот најпрво го одобри шведското барање за негова екстрадиција во февруари, но адвокатите се жалеа дека сексуалниот однос со двете жени бил доброволен, а не присилен. Двете жени од Шведска тврдат дека сексуалниот однос се случил минатиот август за време на посетата на австралискиот хакер на Стокхолм.
Асанж тврди дека случајот е наместен и политички мотивиран и е дел од организирана кампања против него, а за тоа ги обвини САД дека прават притисок врз Велика Британија, Шведска и медиумите. Адвокатите на Асанж тврдат дека нивниот клиент од Шведска ќе биде префрлен во САД, каде наводно ќе биде изложен на тортура, па дури и ликвидиран.
Неговата мајка по пресудата за австралиските медиуми изјави дека Асанж сега се наоѓа поблиску до екстрадиција и тортура во САД.
„Сега Џулијан е дури и поблиску до естрадиција во САД. Ако авсрталискиот народ не застане зад Асанж, тогаш тој ќе оди во САД и тој ќе биде измачуван“, рече Кристин Асанж, мајката на основачот на „Викиликс“.
„Викиликс“ без пари ќе оди во историјата
Неговата веб страница во минатата година објави 391 832 тајни американски документи за војната во Ирак и 77 000 класифицирани документи од Пентагон за конфликтот во Авганистан. Викиликс исто така направи достапни и 250 000 дневни преписки меѓу Стејт департментот и повеќе од 270 американски дипломатски претставништва во светот.
Австралиецот и неговите соработници соопштија на 24-ти октомври дека го запираат објавувањето на тајните документи, поради финансиската блокада на плаќањата на страницата од страна на американски финансиски компании, Виза и Мастер Кард. Ако блокадата не се тргне до крајот на годинава, „Викиликс“ нема да продолжи да постои.
Автор: Александар Методијев/ Ројтерс/ ДПА/ АФП/ МИА
Редактор: Борис Георгиевски