Асад го обвини Израел за соборувањето на рускиот авион
20 септември 2018„Несреќниот инцидент" е резултат на „вообичаена израелска ароганција", која секогаш користи „највалкани средства" за нејзините „најдолни цели", пишува Башар ал-Асад во писмото со сочувство до рускиот претседател Владимир Путин. Во писмото објавено од сириската новинска агенција Сана, Асад, исто така, изразува уверување дека инцидентот нема да влијае врз борбата на Русија против тероризмот во Сирија.
Сириската воздушна одбрана по превид го собори рускиот извиднички авион за време на неговото слетување во источната провинција Сирија, Латакија претходно неделава. Сите 15 руски војници во авионот од типот Иљушин загинаа. Противвоздушната ракета всушност била насочена против израелските борбени авиони, кои летале во напад врз Сирија.
Израел ги отфрла обвинувањата
Руското министерство за одбрана прво вината за инцидентот му ја префрли на Израел и зборуваше за „непријателски чин“. Москва обвини дека израелските авиони се „криеле зад рускиот авион и со тоа го изложиле на ракетирање од страна сириската воздушна одбрана". Израел го отфрли ова и зборуваше за екстензивна и непрецизна акција на сириската воздушна одбрана.
Рускиот претседател Путин подоцна се погрижи за деескалација. По телефонски повик со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, Путин зборуваше за „низа несреќни околности". Во исто време тој истакна дека израелските напади во Сирија го повредиле „сирискиот суверенитет".
Шефот на изрелското воено воздухопловство патува во Москва
Израел вчера најави дека ќе ја поддржи истрагата за причините за смртоносниот инцидент. Шефот на военото воздухопловство Амикам Норкин денеска патува во Москва на разговори со руската страна, соопшти израелската армија.